Во соопштението се упатуваат низа квалификации на сметка на политичарите и партиските структури, нарекувајќи ги „партиски хиени“, „политички мршојадци“, „институционални паразити“ и „лицемерни профитери“

Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ упати повик до граѓаните да излезат на протест, притоа објавувајќи забрана за присуство на партиски членови, како и на сегашни и поранешни министри и премиери.
Во својот повик објавен на социјалните мрежи, иницијативата се оградува од политичко влијание и порачува дека нема да дозволи феминистичкиот отпор да се користи како партиски декор. Во соопштението се упатуваат низа квалификации на сметка на политичарите и партиските структури, нарекувајќи ги „партиски хиени“, „политички мршојадци“, „институционални паразити“ и „лицемерни профитери“.
Од „Ниту една повеќе“ ги повикуваат на улица сите граѓани и граѓанки кои се чувствуваат изневерени, понижени, повредени, обесправени и огорчени од системската негрижа и празните ветувања, за, како што велат, им покажеме дека ние сме слободата.
Инаку, денешниот повик од „Ниту една повеќе“ доаѓа по протестот што се одржа во средата, а на кој се побара итна институционална одговорност и навремена заштита на жртвите на родово базираното насилство. На протестот беа забележани неколку поранешни и актуелни политичари.
Организаторите посочија дека протестот е против институциите коишто цела година молчат.
„Нема повеќе изговори, нема да ви дозволиме да закопате уште една жена. Женската борба денес е борба за живот. Продолжува со сите нас и со почит кон сите жени, девојки и девојчиња чии животи беа насилно одземени“, рекоа учесниците протестот.
Во обраќањата пред Собранието, претставниците на „Ниту една повеќе“ кажаа, како што беше нагласено, шест наредби до институциите и побараа тие да бидат реализирани до 10 декември – Денот на човековите права.
Учесниците на протестот беа и пред Министерството за внатрешни работи, каде на улицата пред полицискиот кордон истурија земја, а пред неа поставија картон, како импровизација на гроб со споменик.
Следниот протест го најавија за две недели во паркот „Жена борец“.
