Учесниците на протестот, на улицата пред полициските службеници, истурија земја и рекоа дека тоа го прават „пред заштитниците на насилниците“. Пред земјата поставија картон, како импровизација на гроб со споменик на кој пишуваше: „Овде почиваат телата на 59 жени жртви на институциите. Споменикот го подигнаа другарките и другарите, соборките и соборците против насилството“

Кого штитите – прашаа учесниците на денешниот протест организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ кога стигнаа во близина на Министерството за внатрешни работи, а пред нив се постави полициски кордон кој не им дозволи да продолжат пред зградата на институцијата.
По пристигнувањето пред МВР учесниците извикуваа „џандари убијци“ и фрлаа тоалетна хартија.
Учесниците на протестот, на улицата пред полициските службеници, истурија земја и рекоа дека тоа го прават „пред заштитниците на насилниците“. Пред земјата поставија картон, како импровизација на гроб со споменик на кој пишуваше: „Овде почиваат телата на 59 жени жртви на институциите. Споменикот го подигнаа другарките и другарите, соборките и соборците против насилството“.
„Овде почиваат нашите убиени другарки. Секој што фрли земја им оддаде почит. Гробницата нивна ќе стои тука, пред полиција. Ова е потсетник да не заборавите дека вие ги закопавте. И уште поважно – потсетник дека вие ќе одговарате“,
рече една од учесничките на протестот.
Таа додаде дека се бесни затоа што „не учите како да не бидеме силувани, тепани, убивани“.
„Бесни сме затоа што не ги учите насилниците како да не бидат насилници. Бесни сме затоа што не терате да пријавуваме насилство, а после тоа не враќате кај нашите насилници. Бесни сме затоа што насилниците имаат повеќе права од жените што се борат за сопствените животи. Бесни сме затоа што секоја убиена жена за вас е уште еден нерешен случај. И згрозени сме од вашата партиска некрофилија. Згрозени сме од вашите лажни сочуства. Згрозени сме од системот што ги штити насилниците, а ги убива жените“,
додаде таа.
Рече и дека нема да им дозволат на институциите да се кријат зад протоколи, извештаи, а „нашиот гнев да го наречете хистерија“.
„Нема да бидеме тивки, послушни и нема да бидеме ваши“,
порача таа.
Заблагорадувајќи им се на присутните ги повика сите заедно да се гушнат за да покажат дека заедно се во ова.
Со извикување „сите за една, една за сите“ протестот заврши, а организаторите рекоа дека утре чекаат известување зошто не им било дозволено да дојдат до влезот на Министерството за внатрешни работи.
Следниот протест го најавија за две недели во паркот „Жена борец“.
Денешниот протестен марш почна од пред републичкото Собрание, а целта е да се побара итна институционална одговорност и навремена заштита на жртвите на родово базираното насилство.
Во обраќањата пред Собранието, претставниците на Движењето кажаа шест наредби до институциите и побараа тие да бидат реализирани до 10 декември – Денот на човековите права.
„Денеска наредуваме шест конкретни наредби до институциите. Каде е сега итната постапка? Најитно донесување на законските измени за заштита од насилство, особено на Законот за спречување и заштита на жените и семејното насилство, поднесени на 26 август во Собрание. Рокот ви е до 10 декември. Во спротивно ќе го славиме Денот на човековите права на 10-ти пред Собранието“,
рече Анастасија Павловска од Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“.
Таа исто така побара и носење на осумте закони за кои е формирана работна група, меѓу кои и законите за полицијата, за семејството, социјалната заштита, правосудството и други.
