Околу тоа што се има сменето од самитот во Тирана досега и дали има некакви поместувања во позицијата на Македонија во однос на билатералните прашања, Мицкоски одговори дека нема промена и дека нема да има додека тој е претседател на Владата

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Европската комисија да го препознае напредокот на Македонија во исполнувањето на обврските од Реформската агенда, како и да ѝ стави на располагање дополнителни 75 милиони евра преку Планот за раст за Западен Балкан.
Мицкоски очекувањата ги искажа одговарајќи на новинарски прашања при пристигнувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.
Дел од очекувањата на премиерот е и дека наскоро македонските граѓани ќе можат да ги користат телекомуникациските услуги во земјите од Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг.
Во врска со најавата за дополнителни десет проценти од средствата од Планот за раст, премиерот појасни дека станува збор за дополнителни 75 милиони евра, односно над постојните 750 милиони евра.
„Ова што го споменувате, за тој дополнителен дел или таканаречен ‘top-up’ од сегашните 750 милиони, дополнително уште 10 проценти, односно 75 милиони евра ќе бидат ставени на располагање. Се разбира, ќе имаме дополнителни чекори што ќе треба да ги завршиме до крајот на овој проект“,
одговори Мицкоски.
Според него, Владата ги исполнува обврските што произлегуваат од Реформската агенда, но оти билатералните прашања не се дел од тие обврски.
„Ние континуирано зборуваме дека испорачуваме, испорачуваме тоа што се бара од нас, а е дел од Реформската агенда. Ние не испорачуваме билатерални прашања, но сè што се однесува на системот заснован на заслуги го испорачуваме. Јас тоа го зборувам цело време. Денеска очекувам дека сето тоа ќе биде препознаено од Европската комисија“,
рече Мицкоски.
Како значајно прашање за граѓаните го посочи и приклучувањето кон европскиот модел „Роаминг како дома“, со кој корисниците ќе можат да разговараат и да користат телекомуникациски услуги во земјите од ЕУ по домашните тарифи, без дополнителни роаминг-трошоци.
Мицкоски истакна дека Македонија веќе го завршила формалниот технички дел од процесот и е првата земја што го направила тоа. Во текот на оваа и следната недела се очекува техничките обврски да ги завршат и Црна Гора, Албанија и Србија.
Околу тоа што се има сменето од самитот во Тирана досега и дали има некакви поместувања во позицијата на Македонија во однос на билатералните прашања, Мицкоски одговори дека нема промена и дека нема да има додека тој е претседател на Владата.
На прашањето „Ако Европската унија инсистира на уставни измени, а оваа Влада останува на својот став, каде ќе се најдете премиере, има ли тука половина пат? Особено после средбата со Урсула фон дер Лајен и нејзината најава за таа средба што беше во Софија?“, Мицкоски повтори дека Владата е подготвена за разговори, но дека приоритет треба да биде договор за Акцискиот план за малцинствата.
Тој посочи дека дури и во случај уставните измени да бидат направени, што, како што нагласи, нема да се случи, останува прашањето за Акцискиот план.
„Ние сме подготвени да разговараме. Ние прво треба да разговараме за Акцискиот план. Тоа сум го кажувал многу пати во минатото и ќе го повторам и денес. Утре да одлучиме да го промениме Уставот, што нема да се случи, но хипотетички, повторно пред нас имаме пречка, а тоа е Акцискиот план за малцинства“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата веќе доставила предлог за ова прашање и смета оти прво треба да се постигне договор за Акцискиот план.
„Мислам дека е суштински важно најпрвин да зборуваме за Акцискиот план за малцинства. Ајде тоа да го договориме, бидејќи 26 земји членки немаат против, само една има против, па дури потоа да видиме дали има простор да разговараме за што било друго“,
истакна премиерот.
Прашан дали фокусот во ЕУ во текот на следните неколку месеци навистина ќе биде ставен на буџетот и финансирањето за Украина, а не на пристапувањето, премиерот посочи дека очекува на Самитот да се разговара и за буџетот наменет за земјите кандидатки, како и за промени во пристапот на Унијата кон Западен Балкан.
„Во последно време слушате пораки од ЕУ, но исто така би сакале да видиме и да слушнеме нешто и за Западен Балкан. Не би сакал однапред да најавувам ништо. Ќе видиме и ќе разговараме повеќе за проширувањето на ЕУ и за буџетот наменет за земјите кандидатки. Се разбира, буџетот за земјите членки е од исклучително значење, но исто така очекуваме и одредени промени во пристапот кон Западен Балкан“,
кажа тој.
Одговарајќи на прашањето дали со оглед на моменталната геополитичка ситуација, смета дека ова докажува оти проширувањето, односно пристапувањето, е поважно од кога било, или пак поважно отколку што било во изминатите неколку години, Мицкоски порача дека регионот не треба да се потценува и дека е составен дел од Европа.
„Ние сме вратата на Европа. Западен Балкан е вратата на Европа. Ве молам, не го потценувајте потенцијалот на Западен Балкан, бидејќи Западен Балкан – повторувам – е вратата на Европа и е дел од Европа. Ние припаѓаме во Европа. Нашите граѓани се прилично фрустрирани поради фактот што предолго чекаат во ‘задниот двор’, конечно сакаме да го заслужиме нашето место на масата, врз основа на пристап што се темели на заслуги“,
рече Мицкоски.
Лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан денеска во Брисел одржуваат Самит посветен на европската перспектива на регионот, забрзувањето на процесот на проширување, спроведувањето на реформите и зајакнувањето на безбедносната и политичката соработка во услови на сложени геополитички околности.
Самитот, деветти по ред, го организираат претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а учествува и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Како што е најавено од европските институции, средбата е можност ЕУ повторно да ја потврди својата посветеност на членството на земјите од Западен Балкан, но и да ги повика регионалните партнери да ги забрзаат реформите и да ги исполнат преземените обврски на патот кон Унијата. Во фокусот на разговорите се и напредокот во постепената интеграција на регионот во европските политики и единствениот пазар, спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан, регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта пред самитот порача дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, нагласувајќи дека пристапувањето на регионот е заедничка амбиција и важна геополитичка инвестиција во актуелните турбулентни времиња.
