Од Судот наведуваат дека се воздржуваат од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката, најавувајќи дека јавноста ќе биде навремено информирана по донесувањето на одлуката

Предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата е ставен на дневен ред на седницата закажана за в петок, 27 ноември, и веќе е во фаза на гласање, информираат од Уставниот суд по денешната прес-конференција на Синдикатот на културата (СКРМ).
Од Судот наведуваат дека се воздржуваат од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката, најавувајќи дека јавноста ќе биде навремено информирана по донесувањето на одлуката.
Во однос на обвинувањата и сомнежите за политичко влијание, од Уставниот суд испратија апел да се овозможи непречено одлучување.
„Почитувајќи го правото на секој субјект јавно да ги изразува своите ставови, Уставниот суд апелира до сите засегнати страни да ја почитуваат неговата уставно загарантирана независност и да овозможат процесот на одлучување да се одвива непречено, ослободен од каква било форма на притисок или влијание“,
се наведува во соопштението од Уставен суд.
Оттаму додаваат дека Судот одлучува исклучиво врз основа на Уставот, независно од очекувањата, интересите или популарноста на темите во јавниот дискурс.
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) денеска на прес-конференција од пред зградата на Уставниот суд побара да се одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, закажано за петок, 27 ноември, и претходно да се одржи јавна расправа на која ќе бидат сослушани сите засегнати страни.
Од Синдикатот изразуваат сомнеж дека одлуката е веќе однапред позната, наведувајќи дека и покрај два писмени дописи испратени во мај и во октомври годинава, сè уште не добиле ниту покана ниту одговор од Судот за учество на седницата, иако СКРМ е еден од директните потписници на договорот.
