Во трка за функцијата се обвинителот во Вишото јавно обвинителство Скопје, Трајче Пеливанов; неговиот колега од истото Вишо обвинителство, Јован Цветановски; обвинителката на Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, и обвинителите во ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи
Изборот за наследник на Ислам Абази ќе се спроведе на 28 октомври во периодот кога обвинителите од сите обвинителства во државата ќе одлучуваат на тајно и непосредно гласање
Зајакнување и максимално искористување на капацитетите на истражните центри, фокус на финансиските истраги, дигитализација, кадровско доекипирање и унапредување на соработката. Ова беа дел од приоритетите од програмите што петтемина кандидати за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска ги презентираа пред Советот на јавните обвинители.

Во трка за функцијата се обвинителот во Вишото јавно обвинителство Скопје, Трајче Пеливанов; неговиот колега од истото Вишо обвинителство, Јован Цветановски; обвинителката на Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, и обвинителите во ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.
На Абази му истекува мандатот, за негов наследник ќе се гласа на 28 октомври
Комисијата за спроведување на изборот, што ја формира Советот на јавните обвинители, ја сочинуваат Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.
Постапката се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој на функцијата беше избран во октомври 2022 година.
Ден пред објавувањето на огласот Абази, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека размислува за повторна кандидатура и оти планира да се врати во Вишото јавно обвинителство Гостивар.
Изборот на неговиот наследник ќе се спроведе на 28 октомври во периодот од 8 до 16 часот кога обвинителите од сите обвинителства во државата ќе одлучуваат на тајно и непосредно гласање. Право на глас имаат 188 обвинители.
Денешната презентација на програмите на петтемина кандидати се одвиваше во салата за состаноци на Советот на јавни обвинители, а покрај присутните новинари и претставници на невладините организации, излагањата преку сервисот на државната новинска агенција можеа во живо да ги следат и обвинителите кои ќе гласаат за две недели.

Азизи: Проактивно постапување по предметите поврзани со „црните листи“
Прво својата програма ја презентираше обвинителот на ОЈО ГОКК, Фатон Азизи, кој рече дека зајакнувањето на капацитетите на истражниот центар во Обвинителството, проактивното постапување по предметите поврзани со таканаречените црни листи на меѓународните партнери и интензивирањето на борбата против перењето пари се меѓу главните приоритети за кои ќе се залага тој доколку ја добие довербата на изборите на 28 октомври. Презентирајќи ја својата визија, Азизи рече дека првиот фокус ќе биде унапредување на истражните капацитети во Обвинителството.
„Приоритет ќе биде зголемена борба против перењето пари во градежништво, криптовалути и други форми на финансиски криминал“,
рече Азизи.

Во своето излагање тој се осврна и на досегашното искуство во ОЈО ГОКК, каде што работи во Одделението за гонење висока корупција и постапува по повеќе обемни предмети со поголем број обвинети.
Неговиот колега, обвинителот на ВЈО Скопје и ексобвинител во згаснатото Специјално јавно обвинителство, Трајче Пеливанов, порача оти успехот на Обвинителството не се мери само по бројот на отворени предмети или поднесени обвиненија, туку преку целосно истражени случаи, одржливи судски пресуди и враќање на незаконски стекнатиот имот во државната сопственост.
Обвинителството не треба да подлегнува на сензационализам и надворешни притисоци, вели Пеливанов
Според Пеливанов, во фокусот мора да бидат финансиските истраги и одземање на криминално стекнатиот имот. Финансиските истраги, рече тој, мора да станат составен дел од секоја кривична постапка уште од самиот почеток истакнувајќи дека не верува во статистика што создава привид на успех, туку во резултати што може професионално да се верификуваат.

„За успешно функционирање, неопходно е законско зајакнување на сопствените капацитети, вклучително и на истражниот центар и ангажирањето финансиски експерти – изјави Пеливанов нагласувајќи дека целта не е изолација од Министерството за внатрешни работи и другите институции, туку градење доволни капацитети за самостојно и навремено дејствување“,
рече кандидатот за шеф на ОЈО ГОКК.
Порача дека Обвинителството треба да постапува одлучно и законито, без да подлегнува на сензационализам или надворешни притисоци.
Во пораката упатена до своите колеги пред изборот закажан за 28 октомври, Пеливанов ги повика одлуката да ја донесат „самостојно и без влијанија, водени од професионалните критериуми“ бидејќи на институцијата, како што нагласи, ѝ е потребен раководител кој длабоко ја разбира и е целосно подготвен да ја преземе одговорноста за нејзиното понатамошно водење.
Раичевиќ: Обвинителите не треба да се потпираат само на случаи откриени од полицијата, треба и самите да ги откриваат
Обвинителката на ОЈО Скопје, Лидија Раичевиќ, која беше кандидатка за шеф на ОЈО ГОКК и пред четири години, денеска пред Советот на јавните обвинители кажа дека наместо програми, на Обвинителството му се потребни стручност и поголема проактивност во откривањето на кривичните дела.
Образложувајќи ја својата кандидатура, Раичевиќ оцени дека јавните обвинители не смее да се потпираат исклучиво на случаи откриени од полициските структури, туку мора и самите активно да учествуваат во откривањето на криминалот.
„Не може севкупниот криминал да се гони само по откривање од страна на полициските структури. Јавниот обвинител треба да ја знае структурата на криминалот во општеството“,
рече Раичевиќ.

Осврнувајќи се на модернизацијата на Обвинителството, таа порача дека е потребно унапредување на техниките на работа, дигитализација и подобро поврзување со другите институции, но оцени дека тоа не смее да биде единствената цел.
Хаџи Василева: Истражните центри треба максимално да се користат, а ВИ може да биде корисна алатка
Искра Хаџи Василева, која е актуелен обвинител во ОЈО ГОКК и има амбиции да стане негов шеф, во презентацијата на својата програма кажа дека одговорноста била главниот мотив за нејзината кандидатура за прв човек на оваа институција.
„Состојбите ги знаеме сите и тие не се едноставни, секако се условени од многу различни фактори, но мислам дека можеме и многу повеќе и многу подобро во нашата работа“, изјави Хаџи Василева.
изјави Хаџи Василева.
Таа својата програма ја темели на четири столбови – ефикасност и ажурност во постапувањето, поголема активност во финансиските истраги, конфискацијата на имот и максимално искористување на истражниот центар и зајакнување на кадровската екипираност и на капацитетите преку дигитализација, а ја наведе и поголемата транспаретност, која, како што рече, ја зголемува јавната доверба во институцијата.
Според неа, институтот спогодување можеби треба многу повеќе да се користи, и тоа за поширок спектар на предмети.
„Со примена на овој институт можеме да постигнеме многу во борбата со организираниот криминал, бидејќи со тоа се скратува времето на постапките и се растоварува судот“,
изјави Хаџи Василева.

Како шеф на ОЈО ГОКК, доколку биде избрана, најави дека ќе се залага за заокружување на процесот на дигитализација, а во тој контекст ја спомена и вештачката интелигенција, која, како што рече, може да биде корисна алатка во секојдневната работа на Обвинителството.
„Вештачката интелигенција може и веќе треба да се користи како алатка за олеснување на секојдневната работа – од претворање на говор во текст и превод на документи, сè до обработка на податоци кои досега се работеле ‘пеш’“,
кажа Хаџи Василева.
На прашање од државниот јавен обвинител Ненад Савески за тоа како би постапила доколку некој од обвинителите затајува во работата, Хаџи Василева одговори дека секогаш претпочита конструктивен и човечки пристап пред санкции.
„Секогаш сакам да пристапувам конструктивно во насока на решавање на некои состојби, отколку веднаш да се пристапува кон потврди решенија односно казнување. Доколку некој колега затајува во работата, ние сме колеги и пред сѐ треба да се обидеме човечки. Веројатно би го повикала и би го прашала на што се должи тоа – можеби е некоја моментална состојба, а можеби има и приватни аспекти или други причини. Убедена сум дека низ таков пристап може многу повеќе да се постигне отколку со конфронтација, која само одзема енергија и кај оној кој менаџира и кај колегата. На крајот на денот, наша обврска како колеги е да си помогнеме и да ги надминуваме состојбите во тој дух“,
рече таа.
Неопходно е да се унапреди соработката со МВР, Финансиска и другите институции, смета Цветановски
Јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, пред Советот на јавните обвинители како клучни приоритети ги издвои зголемувањето на ефикасноста во истрагите за висока корупција и перење пари, намалувањето на бројот на стари и нерешени предмети, како и зајакнувањето на кадровските капацитети и истражниот центар.
Претставувајќи ја својата програма, Цветановски истакна дека е потребен проактивен пристап во постапувањето по предметите, како и поефикасна соработка со институциите вклучени во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Приоритетите и целите за периодот 2026-2030 година се зголемување на ефикасноста во истрагите за висока корупција и перење пари, намалување на бројот на стари и нерешени предмети, целосна операционализација и јакнење на кадровските ресурси и на Истражниот центар, како и проактивно постапување по предмети оформени по допрен глас“,
рече Цветановски.
Тој посочи дека за остварување на тие цели е неопходно да се унапреди соработката со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и другите надлежни институции, преку заеднички тимови, дигитализација на доказниот материјал и паралелно водење финансиски и кривични истраги.
Посебен акцент, според него, треба да се стави на финансиските истраги уште од почетокот на постапките за висока корупција.
Тој оцени дека раното откривање и обезбедување на незаконски стекнатиот имот е клучно за успешна конфискација и за собирање докази што ќе помогнат во утврдувањето на кривичната одговорност.
Во своето обраќање Цветановски се заложи и за дополнително јакнење на капацитетите на ОЈО ГОКК, вклучително и внимателен избор на полициски службеници во Истражниот центар, пред сѐ со искуство во финансиски и организиран криминал, како и за ангажирање финансиски експерти и форензичари во рамките на обвинителството.

„Сметам дека јавните обвинители треба да имаат поголем пристап до судската пракса и до одлуките што ги донесуваат другите јавни обвинители“,
„Сметам дека јавните обвинители треба да имаат поголем пристап до судската пракса и до одлуките што ги донесуваат другите јавни обвинители“,
Тој се осврна и на примената на мерките за обезбедување присуство во текот на истражната постапка, оценувајќи дека притворот треба да се користи само кога се исполнети законските услови, а во останатите случаи да се применуваат другите мерки предвидени со закон.
На прашање доколку се најде во ситуација неговиот став да се разликува од ставот на јавен обвинител од обвинителството, односно како би ја решил таа ситуација, тој одговори „мојот став би бил дека предметот мора да се диктира со докази“.
