Со три кратки сведочења, кои во контекст на аферата „Рекет“ ја споменуваа истрагата „Поштенска банка“ на СЈО, но без ниту една изјава дека осомничените бизнисмени дале пари, помина денешното судско рочиште за случајот кој на обвинителна клупа ги седна поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.
„Поштенска банка“ и „Империја“ се двата предмета кои се споменуваат дека биле користени за барање пари од бизнисмените опфатени со нив. Ако на претходните две рочишта брачната двојка Орце и Ана Камчеви раскажуваа како преку „Империја“ биле рекетирани, денеска од списокот сведоци во судница се појавија бизнисмените Томче Главчев и Зоранчо Митровски, осомничени во „Поштенска банка“, како и адвокатот на Митровски, Сашко Бошков.
Тројцата заедно сведочеа околу два часа, а адвокатите на Јанева и на Јовановски оценија дека тие не кажале нешто што има допирна точка со рекетот за кој ги гони обвинителката Вилма Русковска.
Прв сведочеше Бошков, адвокат од Штип, кој е во кумска врска со Митровски кој, пак, преку фирмата „Бетон Штип“ е инволвиран во случајот „Поштенска банка“. Штипскиот адвокат е единствениот кој денеска рече дека добил понуда од Боки 13. Понудата била 2 милиони евра за да му се „помогне“ на бизнисменот Митровски. Меѓутоа, како што кажаа и адвокатот и бизнисменот, не бил исплатен ниту еден денар. Разговорот на оваа тема, раскажуваше Бошков, се случувал во присуство на кошаркарот Владо Илиевски, а се одвивал во канцеларијата на Боки во 1 ТВ.
За понудата потоа Бошков го известил бизнисменот, што потоа го потврди и самиот Митровски.
Штипскиот адвокат, покрај со Боки, рече дека се познава и со Зоран Милески-Кичеец, кој повеќе не е во оваа судска постапка бидејќи призна вина и доби три години затвор.
„Со Кичеец сме другари“, посочи Бошков одговарајќи на прашање на Боки кој, пак, потоа го праша и дали го посетувал по Кичеец откако е пуштен во куќен притвор.
„Дали вие сте лицето што ми нудеше непристојни предлози преку мојот бранител?“, е уште едно прашање кое го упати Јовановски, а сведокот отсечно му одговори со „не“.
За непристојните понуди Јовановски понатаму не спомена ништо. Но, во јавноста, пак, познато е дека додека траеше истрагата за „Рекет“, адвокатот на Јовановски, Сашко Дукоски, обелодени дека добил телефонски повик од машко лице кое му го нудело на продажба исказот на Зоран Милески-Кичеец.
По неколкуте прашања на Боки, во судница влезе и Зоранчо Митровски. Тој рече дека никогаш не се видел со Јовановски, а не ја знаел ниту Јанева. Откако се отворила истрагата „Поштенска банка“ за која тој од медиумите дознал дека од сведок станал осомничен, почнал индиректно да добива „пријателски“ пораки или, како што ги нарече тој, кокетирања. Митровски има фирма за вино, а е и почесен конзул на Латвија за земјава. Така, за сето ова рече дека го известил и нерезидентниот амбасадор на Латвија за Македонија, Албер Салкарис. Амбасадорот, пак, рече дека се видел и со министерот за надворешни работи Никола Димитров и му кажал за рекетот, а откако се видел со шефот на дипломатијата му пишал порака дека не очекува повеќе проблеми од СЈО. За ваквите наводи во сведочењето денеска остро реагираа и од Министерството за надворешни работи негирајќи и порачувајќи да не се шират лажни вести.
Митровски, кој неколкупати потенцираше дека е успешен бизнисмен кој плаќа даноци и дека се срамел поради тоа што се случува со институцијата која требало да донесе правда, потенцираше и дека не дал пари, но и дека не пријавил ниту во МВР ниту во обвинителство.
Неговиот соосомничен во „Поштенска банка“, не само што зборуваше дека не дал пари туку рече и дека воопшто не бил рекетиран. Со Катица Јанева рече дека бил скаран, а на прашањето зошто, не му дозволија да одговори. Со Боки, пак, соработувал бидејќи договарале реклама за женски кошули од неговата фирма „Ноел“ од Гевгелија. Рекламата, според неговото сведочење, не била рекет и преговорите за неа биле коректни. Но сумата од 40-50.000 евра рипнала на 100.000 кога имало наредба за приведување на Главчев.
Тој не посочи на никаква поврзаност на рекламата и истрагата „Поштенска банка“.
„Со Боки сме разговарале и за други работи, тој е интересна фигура, се мешаше во креацијата на кошулите, има познавање за тоа, сакаше да дојде и во фабриката да види како функционира тоа. Јас имав изработено и неколку кошули за него, по негови нацрти. За такви теми сме разговарале. За ‘Поштенска банка’ тој не ми спомна ништо, туку јас. Му реков: ‘Боки, имаш некоја информација за мојот случај?’ Тој рече: ‘Јас мислам дека ти си дел од една колатералка и треба да бидеш спокоен’. Толку беше разговорот“, рече Главчев.
Двајцата бизнисмени во своите денешни сведочења повеќе зборуваа за случајот „Поштенска банка“, а на моменти се добиваше и впечаток дека нивните искази се дел од давање одбрана токму за овој случај.
Главчев во еден момент и се расплака раскажувајќи како во 5 часот наутро во неговиот дом дошле истражители за претрес и се шетале специјалци. Тој се пожали и на третманот што го добивал кога бил да сведочи во СЈО, нешто што, како што рече, наликувало на изживување.
За нив, адвокатите, пред сè, бранителите на Катица Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска, немаа многу прашања. Но, затоа нивната оценка е дека тројцата сведоци немаат никаква врска со предметот.
„Се остава сведокот да го раскаже сето она што смета тој дека е битно, а не им се поставуваат прашања од страна обвинителката, така што слушаме сосема непотребни работи. Но, во врска со ние сведочења што ги чувме денеска сметаме дека апсолутно немаат никаква врска со предметот на кривичното дело за кое се обвинети лицата во овој предмет“, рече Кадиев на излегување од судот.
Сличен став дека денешните сведоци се беспредметни за судскиот процес имаше и адвокатот Сашко Дукоски. Тој даде и коментар во насока дека тие може да бидат и сведоци на одбраната бидејќи не кажале ништо.
По кратките изјави на бранителите, судската зграда со полициска придружба ја напуштија и Јовановски и Јанева. Јовановски за да биде вратен во затворот во Шуто Оризари, а Јанева во домашен притвор.
Следното нивно спроведување до Основниот кривичен суд во Скопје ќе биде веќе в петок, кога повторно ќе се сослушаат тројца сведоци, меѓу кои и еден поранешен новинар од 1 ТВ.
Во новата година првото рочиште е закажано за 3 јануари, кога ќе сведочи обвинителката Елизабета Јосифоска, која ѝ беше заменичка на Јанева додека беше специјална јавна обвинителката. Јосифоска ќе биде првата обвинителка од СЈО која ќе се појави како сведок во судскиот процес за „Рекет“.
Денешното судско рочиште за „Рекет“ беше четврто по ред. Што се случуваше на претходните, можете да прочитате на следните линкови:
Судење за „Рекет“ – чин втори (ВИДЕО)
Судење за „Рекет“: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева