На денешното рочиште за „Рекет“ сведочеше Зоранчо Митровски, бизнисмен кој заедно со Томче Главчев е осомничен во истрагата за случајот „Поштенска банка“, кој во октомври лани го покрена СЈО.
Зборувајќи хронолошки за настаните, Митревски рече дека првпат добил покана од СЈО во 2017 година. На средбата со обвинителот рече дека дошол без никакви документи и кажал дека не се сеќавал за она што го прашувале бидејќи настаните биле од 2002 година.
„Знаев дека сум повикан како сведок. Во октомври 2018-та видов во медиумите дека се споменува моето име како осомничен од СЈО. Прво мислев дека е шега, дека помешале сведок и осомничен или обвинет. Подоцна побарав да дојдам во СЈО, да прашам, да донесам документи за да не настане штета по мојот углед и мојата компанија за вино. Барав официјално до обвинителот да дадам документи, да бидам повикан на распит. Ми беше одговорено со: ‘Сè во свое време’. Некаде во јуни бев повикан и ми беше дозволено да ги разгледам документите и ми рекоа дека дополнително ќе бидам повикан за исказ. Но не бев повикан од СЈО“, рече Митровски денеска пред судот.
Во натамошниот тек на настаните, Митровски рече дека почнал на различни начини да добива „пријателски“ пораки преку, како што ги нарече, „добронамерни посредници“, кои ги игнорирал. Потоа од адвокатот Сашко Бошков дознал за средбите со Бојан Јовановски и за бараните 2 милиони евра, кои кај него предизвикале страв и сфатил дека приказната е многу поголема.
„Кога СЈО беше на врвот на славата и кога гледавме што се случува секој ден со бизнисмени, не беше едноставно да отидете кај обвинител или полиција и да кажете јас сум тој и тој и некој си Бојан Јовановски бара пари за тоа и тоа. Не отидов од две причини. Сето ова се случуваше преку посредници. Никогаш не сум ја видел Катица Јанева ниту, пак, Бојан Јовановски. Второ, не пријавив зашто ми беше срам, емотивно се кршев во себе како да пријавам нешто за СЈО кога во него имавме толку надеж. Повторувам дека ова беше само обид за да се земат пари. Но, јас не сум платил ни денар“, сведочеше Митровски.
За сето ова Митровски рече дека го известил и нерезидентниот амбасадор на Латвија за Македонија, Албер Салкарис, со кого имал контакти бидејќи бил почесен конзул на таа земја во Македонија по отворањето на неговата фирма за вино.
Од амбасадорот Салкарис, Митревски дознал дека тој имал средба со министерот за надворешни работи кого го известил за случувањата. Кога Салкарис заминал, бизнисменот добил порака од него дека не очекува повеќе проблеми со СЈО.
„Во еден момент мислев дека Бојан Јовановски ја злоупотребува, но морам да кажам дека моето мислење по сите случувања е дека Катица Јанева го злоупотребила Бојан Јовановски“, рече на крајот од сведочењето бизнисменот Митровски.
Митровски и Главчев се осомничени во истрагата „Поштенска банка“ која СЈО ја отвори лани во октомври. И двајцата денеска се повикани како сведоци во „Рекет“ во кој се обвинети Бојан Јовановски и Катица Јанева. Во „Поштенска банка“ двајцата бизнисмени се осомничени за перење пари во периодот од 2001 до 2010 година, а вкупно се опфатени девет лица.
„Поштенска банка“ е предметот кој заедно со „Империја“ го спомена обвинителката Лиле Стефанова во писмена изјава откако изби аферата „Рекет“. Обвинителката наведе дека Катица Јанева барала од неа и од обвинителот Бурим Рустеми (кој исто така е повикан за сведок) да подготват извештај за истрагите, да се затворат предметите со плаќање отштета без некој да оди во затвор.
*поврзани вести
Боки до сведокот во „Рекет“: Дали вие сте тој што ми нудеше непристојни предлози?