За време на средбата, амбасадорот Рокас му го презентирал на министерот Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со фокус на оценките и препораките кои паѓаат под надлежност на Министерството за правда

Напредокот во спроведувањето на реформите во правосудството и понатамошните приоритети во процесот на европската интеграција, биле темите на кои на работна средба разговарале министерот за правда, Јетон Шасивари и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас.
За време на средбата, амбасадорот Рокас му го презентирал на министерот Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со фокус на оценките и препораките кои паѓаат под надлежност на Министерството за правда.
На средбата, како што информираат од кабинетот на Шасивари, било поздравено подобрувањето на оценките во актуелниот извештај во споредба со минатата година, при што двајцата соговорници ја нагласиле важноста од одржување на реформската динамика. Исто така, било посочено дека е неопходно продолжување на институционалните заложби за исполнување на препораките на Европската комисија и обврските што произлегуваат од Реформската агенда.
Министерот Шасивари, се додава во соопштението до Правда, се заблагодарил за континуираната поддршка од Европската Унија, истакнувајќи дека позитивните оценки се потврда за досегашната работа, но и дополнителна одговорност за продолжување на реформите во насока на зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и ефикасноста на правосудните институции.
На средбата била потврдена заедничката посветеност за продолжување на тесната соработка меѓу Министерството за правда и Делегацијата на ЕУ, со цел постигнатиот напредок да се преточи во конкретни и одржливи резултати за граѓаните.
