Поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан смета дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за напредокот на земјите кон членство во ЕУ и изразува жалење што Бугарија може да го блокира процесот на пристапување на Македонија. Сепак, по ова прашање очекува поактивна улога од Брисел и клучните земји членки на ЕУ
Според него, напредокот на земјите кандидати треба да се оценува врз основа на спроведените реформи, а не да биде условен од историски и идентитетски прашања. Сепак, признава дека Европската Унија тешко може да го наметне овој принцип без поддршка од своите највлијателни членки. Во таа насока, ги посочува Франција, Германија и Италија како земји што треба да преземат поактивна улога и да придонесат пристапниот процес да биде праведен и транспарентен
Македонија ги исполни условите што ги побара Европската Унија за напредок во пристапниот процес, но блокадата од Бугарија го попречува нејзиниот европски пат и создава лош преседан за целиот регион. Ова го оценува поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, во интервју за МРТ 1.

Палмер смета дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за напредокот на земјите кон членство во ЕУ и изразува жалење што Бугарија може да го блокира процесот на пристапување на Македонија. Сепак, по ова прашање очекува поактивна улога од Брисел и клучните земји членки на Европската Унија.
„Она што можам да го кажам е дека Македонија направи сè што Европската Унија побара од неа за да напредува кон членството. Сметам дека е крајно жално што Бугарија е во позиција да го блокира тој процес за Скопје. Тоа создава лош преседан за регионот“,
вели тој.
Според него, последиците од ваквиот пристап не се однесуваат само на Македонија, туку влијаат и врз другите земји кандидати, кои внимателно го следат нејзиното искуство и се прашуваат дали и тие би можеле да се соочат со дополнителни билатерални услови на патот кон ЕУ. Како пример ги посочува Србија и нејзините стравувања од можни блокади од соседните земји.
„Белград го следи искуството на Скопје и се прашува што би можеле да побараат Загреб или Букурешт во пристапниот процес. Тоа ги обесхрабрува земјите кандидати да ги спроведат неопходните реформи“,
кажа Палмер.
Се надева дека Бугарија ќе покаже воздржаност, а Европската Унија ќе преземе поактивна улога за билатералните прашања да не го попречуваат пристапниот процес. Осврнувајќи се на можноста за американско посредување, Палмер потсети дека и самиот бил вклучен во обидите за надминување на спорот и отстранување на блокадата.
„Бев вклучен во претходната фаза кога бугарските билатерни барања почнаа да го попречуваат европскиот пат на Скопје. Направивме сè што можевме за да ја отстраниме блокадата. Тоа не е едноставен процес, но верувам дека Софија на крајот ќе сфати дека во интерес на Бугарија е Македонија да биде нејзин европски партнер“,
рече поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан.
Очекува САД да продолжат со поддршката за двете страни, но нагласува дека е неопходен и поголем ангажман од европските институции и влијателните земји членки.
Според него, напредокот на земјите кандидати треба да се оценува врз основа на спроведените реформи, а не да биде условен од историски и идентитетски прашања. Сепак, признава дека Европската Унија тешко може да го наметне овој принцип без поддршка од своите највлијателни членки. Во таа насока, ги посочува Франција, Германија и Италија како земји што треба да преземат поактивна улога и да придонесат пристапниот процес да биде праведен и транспарентен.
Палмер смета дека сè уште постои простор за изнаоѓање решение преку креативна дипломатија, во која би биле вклучени Скопје, Софија, Брисел, клучните европски престолнини и Вашингтон.
