Покрај пријавата на случајот во МВР и барањето за итно испитување на објавените содржини, од Здружението бараат полицијата да преземе и мерки за заштита на личната безбедност на Смилевска, оценувајќи дека институциите не смеат да ги третираат ваквите закани како обични коментари на социјалните мрежи
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бара МВР итно да постапи, да ги пронајде и санкционира лицата што упатиле вознемирувачки коментари, омаловажувања и експлицитни повици за насилство кон новинарката Милка Смилевска под објава на Фејсбук, на профил именуван како „Вистината боли“.

Од ЗНМ велат дека посочениот фејсбук-профил објавил тенденциозна фотомонтажа со Смилевска, под која биле оставани коментари со експлицитни повици за насилство кон новинарката.
„Меѓу нив е и коментарот: ‘Кршење коски на ороспии платени од сорос сатаната.’ Ваквата формулација претставува директно повикување на физичко насилство и е особено загрижувачка поради нејзината експлицитна содржина. Ваквите содржини се крајно неприфатливи и претставуваат сериозна закана за личната безбедност на новинарката, но и директен обид за заплашување и замолчување на новинарите преку дигиталниот простор“,
велат од ЗНМ.
Покрај пријавата на случајот во МВР и барањето за итно испитување на објавените содржини, од Здружението бараат полицијата да преземе и мерки за заштита на личната безбедност на Смилевска, оценувајќи дека институциите не смеат да ги третираат ваквите закани како обични коментари на социјалните мрежи, особено кога станува збор за експлицитни повици за физичко насилство.
„Слободата на изразување не смее да се користи како оправдување за закани, поттикнување насилство, лични дискредитации и говор со кој се загрозува безбедноста на новинарите. Ниту едно несогласување со новинарски став, извештај или професионален ангажман не може да биде оправдување за повикување на насилство“,
додаваат од Здружението на новинари.
