Претседателот на Собранието, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, изјави дека Европската Унија сторила неправда кон Северна Македонија со тоа што по потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на уставното име не ѝ овозможила на земјава побрзо да напредува во евроинтеграциите. Истовремено, Гаши вели дека политичките партии на Албанците се подготвени да ги поддржат уставните измени, но дека внимателно пристапуваат кон ова прашање поради неговата поврзаност со македонскиот идентитет

На прашањето дали отсуството на Северна Македонија од патоказите за напредок во процесот на проширување што Европската комисија ги претстави за четирите најнапредни земји во процесот (Црна Гора, Албанија, Молдавија, Украина) е неправда или одраз на реалноста, Гаши одговори дека се присутни и двата елемента, но дека, како што рече, преовладува неправдата.
„Има дел од реалноста, но повеќе би рекол дека е неправда. Мислам дека кон нашата држава е направена неправда, со тоа што после донесувањето на Преспанскиот договор, менувањето на уставното име, ваков голем компромис, ниту во регионот, ниту пошироко, во Европа не е направено подолго време, не и беше овозможено на земјава побрзо да напредува“,
вели Гаши.
ЕУ пропушти можност да ја награди Северна Македонија за компромисот со Грција
Според претседателот на Собранието, Европската Унија пропуштила можност преку примерот на Северна Македонија да испрати порака дека државите кои се подготвени на големи компромиси за решавање на билатералните спорови можат да очекуваат побрзо напредување кон членството.
Гаши оценува дека Брисел не се одважил на таков чекор.
„Велам дека требаше да се охрабрат, мислам дека пред руската инвазија во Украина, во Европската Унија имаше големи дилеми дали треба да има проширување. И наоѓаа разни оправдувања зошто не би требало да го има. Но мислам дека после оваа руска инвазија во Украина, откако се увиде дека Европа може пак да биде ставена под голем предизвик, воен, безбедносен и така натаму, се дојде до значење и се увиде дека овој регион, Југоисточна Европа е дел од Европа и сега веќе не треба да се гледа само од интегративен аспект туку и од безбедносен. И мислам дека ако ја видиме добро геополитичката карта, Европа е веќе свесна за тоа и сега се обидува да го поправи тоа, но мислам дека предалеку се отидени некои работи и во однос на еве, во нашата држава, приликите кои дојдоа до францускиот предлог и потоа политичките настани на оваа опозиција, доаѓање на власт на една политичка партија која беше против тој договор, дава политичка тежина и не дава можност така лесно да се помине“,
вели Гаши.
Партиите на Албанците се за уставните измени, но не сакаат да се нарушат меѓуетничките односи
На забелешката дека актуелната власт е веќе трета година на власт, а сè уште не обезбедила промена на договорените услови ниту пристапила кон спроведување на договорот од 2022 година, претседателот на Собранието изјави дека прашањето треба да се разгледува и од меѓуетнички аспект.
„Знаете дека албанските политички партии и во власта и во опозиција сите се склони да го прифатат процесот и да продолжат понатаму, да ги направиме уставните измени и да се продолжи тој пат“,
рече Гаши.
Тој посочи дека кога прашањето се поставува во контекст на македонскиот идентитет, јазик и култура, албанските политички фактори настојуваат да покажат солидарност, наместо да создаваат дополнителни поделби.
„Албанците сакаат да се солидаризираат и не сакаат тој проблем да стане меѓуетнички, па ние да не застанеме во одбрана на овој идентитет, затоа што потоа тоа би ги нарушило меѓуетничките односи, со тоа би направиле уште поголема штета од самото заостанување во европскиот процес на интеграција“,
изјави претседателот на Собранието.
Според Гаши, ваквиот пристап на албанските политички партии е придонес за зачувување и подобрување на меѓуетничките односи. Тој рече дека Албанците, имајќи го предвид сопственото искуство во однос на почитувањето на идентитетот, јазикот и културата, ја разбираат чувствителноста кај Македонците.

„Затоа мислам дека ние постапуваме правилно, а треба како држава, која е без дамки врз идентитетот или без чувство на поразеност, треба сите заедно како граѓани и како држава да чекориме кон Европската Унија“,
смета Гаши.
На прашањето кога последен пат разговарал со премиерот за евроинтеграциите, дали има нешто ново и дали се разговарало за некои нови опции и варијанти во смисла на домашни гаранции, Гаши одговори дека проблемот е тоа да биде прифатливо и за Софија и за Брисел.
Африм Гаши: Па видете, Едно од решенијата беше промена на Уставот со одложено дејство. Ние тоа сами може да го направиме, веднаш да го почнеме. Но тоа треба да биде прифатено и од Брисел и од сите членки на Европската Унија дека тој процес ќе биде евалуиран позитивно и дека процесот кон пристапување на Европската Унија или отворање на поглавјата ќе важи и ќе се прифати како…
360°: Други некакви поспецифични опции се разгледувани?
Африм Гаши: Па не сум бил дел од таквите групи кои разговараат, но секако интеграцијата на земјата во Европската Унија е врвен приоритет. И на премиерот и на Владата и на сите стејкхолдери во општеството.
