Освен за критиките за недоволните буџети за судската власт и за јавното обвинителство, претседателот на Собранието беше прашан и за констатацијата во извештајот на ЕК дека измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година не ги отстрануваат во доволна мера штетните последици од измените од 2023 година

Собранието очекува нов Кривичен законик на почетокот на идната година, кој треба да ги исправи големите штети настанати со контроверзните измени во 2023 година. Ќе се носи внимателно и во чекор со новите предизвици, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Прашањето беше во контекст на критиките од новиот извештај на Европската комисија за земјава во кој се констатира дека „измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на кривичните дела ’злоупотреба на службената положба и овластување’ и ’злосторничко здружување’, не ги отстрануваат во доволна мера штетните последици од измените од 2023 година и придонесуваат за правна несигурност“.
„Според нашите сознанија, од Министерството за правда ни најавуваат подолго време дека се спрема новиот Кривичен законик, каде ќе бидат опфатени сите овие укажувања и критики. Во моментов, кога се појавило нешто поургентно и акутно во дел од промената на Кривичниот законик сме пристапиле, сигурно Министерството одлучило сега засега да не чекаме до новиот Кривичен законик, туку во моментов да ги решиме овие акутни проблеми, па тој Кривичен законик како ново решение да го донесеме во текот на идната година, на почетокот се надевам. Да го заокружиме тој процес, затоа што тие промени од 2023 година во Кривичниот законик направија голема штета и големо назадување. Затоа ќе треба да бидеме многу внимателни со новиот Кривичен законик, и тие да се отстранат, но и да направиме апдејт и подобрување во согласност со новите предизвици кои ги имаме“,
рече Гаши.
На прашањето, зошто власта со измените на почетокот на годинава не се одлучи да направи соодветен исчекор, Гаши вели дека се потпреле на институционалната меморија и експертизата на надлежното министерство.
„Кога тие ви викаат дека сега засега тоа го имаме, не може еден пратеник или пратениците тука да изнајдат ново решение кое би било поквалитетно од тоа што го има Министерството за правда. Последниот збор го имаме ние, но мора прво да го имаме знаењето, искуството и експертизата од Министерството за правда. Па потоа низ парламентарна процедура собраниска ќе ја отвориме дебатата, ќе имаме јавни расправи, ќе ги слушнеме експертите, опозицијата и се надевам дека тој Кривичен законик низ таков процес ќе биде на најдобар начин донесен и ќе соодветствува со предизвиците на времето“,
кажа тој.
„Независноста на судството не се сведува само на финансирањето“
Спикерот Гаши беше прашан и за контрадикторноста во однос на финасирањето на судството и јавното обвинителство Имено, Собранието донело закони со кои определило минимален износ на буџети за судството и за јавното обвинителство. Од друга страна, кога гласа буџет истото Собрание им определува суми коишто одат под тој законски минимум. Во пресрет на расправата за предлог-буџетот за 2027 г., Гаши топката ја префрли во Владата.
„Знаете дека најголемата тежина за носење на буџетот процедурално го има Собранието и политичката одговорност ние ја носиме, но целата подготовка се прави во Владата и во Министерството за финансии. Тие ги имаат предвид сите елементи во општеството, во државата, сите институции и предлагаат нешто што би било балансирано за да може сите институции да функционираат како што треба. Пратениците на мнозинството како и секогаш во принцип го прифаќаат буџетот кој е предложен од тоа мнозинство, знаејќи дека секое друго поместување би ја нарушило рамнотежата во буџетот. Мислам дека како дебата што ја отворате и како индикација добро е да се разговара еве нека биде ова укажување и за Министерството за финансии да го имаат предвид ова, но мислам дека е политичка позиција на партиите во мнозинството да го поддржат буџетот кој е предложен од истата влада која е изгласана од тоа политичко мнозинство. Како и да е, јас не мислам дека иако финансиската независност на институциите, особено во судството, има, игра многу важна улога, не можеме да ја сведеме независноста само на финансирањето и затоа не би ги ставил сите карти на тој елемент. Јас гледам и во Владата и во Министерството за правда, гледам силно настојување за промени во правосудниот систем и мислам дека тие заедно со Министерството за финансии ќе ги имаат предвид овие елементи и ќе најдат начин судството да функционира независно и во овој, оваа компонента на финансирање“,
рече Гаши.
