Ако се споредуваме со другите политички партии, ние одиме кон хомогенизација, конвергираме – вели претседателот на Собранието, кој доаѓа од Влен

Ѓаволски тешка работа е да се усогласат четири партии, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши, за состојбите во Влен.
На прашање на „360 степени“, дали има проблем во партијата со договарање на кадрите, Гаши во новото издание на емисијата на МРТ 1 кажа дека нема проблем ниту внатре во партијата ниту во односите меѓу Влен и ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето дали заменик-министерското место во Внатрешни работи може да биде една од точките на раздор помеѓу лидерите во Влен, Гаши вели:
„Според моите информации и сознанија, нема такви проблеми, ниту во Влен, ниту меѓу Влен и ВМРО. Тоа е работа на премиерот, тој одлучува кога ќе достави предлог до Собранието. Не мислам дека е проблем несогласувањето, мислам дека заради други причини може него поконкретно да го прашате. Јас ви кажав, мене ме интересира од моментот кога еден предлог ќе дојде во Собрание“.
Тој вели дека иако Влен е хетерогена партија, сепак многу брзо оди кон хомогенизација.
„Гледаме силни елементи на хомогенизација наспроти политичките партии кои гледаат, изгледаат унисоно, имаат поголема традиција, а внатре имаат големи раздори во повеќе фракции. Така што, мислам дека ако се споредуваме со другите политички партии, ние одиме кон кон хомогенизација, конвергираме. Тој процес може да потрае и нормално дека треба да трае. Јас не сум човек кој сака да ги прикрие работите. Тоа е четири партии да зближите, прво да да се организира конгрес, да се донесе одлука дека ќе бидеме една партија, не е лесна работа. Сите кои се бават со политика секаде во светот ќе ви кажат дека тоа е ѓаволски тешка работа. Но, и потоа ни останува работа на сите нас кои сме внатре да да работиме на хомогенизација на Влен“,
рече Гаши.
Тој ги отфрли како конспиративни информациите во јавноста дека односите меѓу Меџити и Касами не се идеални, како и тоа дека бившата структура од Алтернатива држи многу важни позиции, како претседател на Собранието, прв вицепремиер, несразмерно на нивната политичка моќ.
„Ако цело време, на пример, некој новинар, некои портали измислуваат 100 лоши негативни фејк њуз, една ќе ја погодат мислам. Тоа е поради теоријата на веројатност, би ја погодиле, не дека има вистина во тоа, но тоа што го кажавте тие шпекулации според моите информации воопшто не држат, немаат никаква важност и не се вистинити“,
кажа Гаши.
Владејачката Влен во мај годинава на конгрес официјално се обедини во единствен политички субјект, со што дотогашната коалициска структура се трансформира во една политичка партија.
Копретседатели на новата партија се Изет Меџити и Билал Касами, а функцијата генерален секретар на партијата му припадна на Беким Сали.
