За копретседатели на ВЛЕН се избрани Изет Меџити и Биљал Касами, а за генерален секретар – Беким Сали. На конгресот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и косовскиот премиер Албин Курти, кој одржа и говор

Петте политички партии на досегашната коалиција ВЛЕН, која е дел од владината коалиција, вечерва на конгрес во Скопје, во присуство на 850 делегати, се обединија во еден политички субјект.
На конгресот беа избрани копретседатели на новата партијата, како нов модел на раководство, како и други тела како што се секретаријати.
Копретседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, кој е и градоначалник на Општина Чаир, изјави дека меѓу партиите на Албанците во Македонија имало монопол подолг период. Откако гласачите побарале промени, се создала коалицијата ВЛЕН.
„Сега сме позиција и ги претставуваме Албанците во Северна Македонија. По спектакуларната победа на локалните избори, каде победивме во 70 отсто од албанските општини, ние работевме, дебатиравме за сите модели и на крајот одлучивме дека ова е најдобриот модел за ВЛЕН“,
изјави Меџити.

Копретседател на новиот политички субјект е и Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово. Тој изјави дека вечерва во Скопје се случува историја бидејќи по првпат пет политички партии и неколку организации се соединуваат во еден субјект, во една политичка партија, како што рече, не само за да го сменат политичкото размислување, туку и да станат реален показател дека политиката треба да им служи на граѓаните, а не да ги злоупотребува позициите во државата.
„ВЛЕН треба да стане уште една албанска политичка култура. Помирна, посериозна, поинституционална и поодговорна кон граѓанинот. Не ни е потребна политика што живее од кавги. На Албанците им е потребна политика што гради, планира и размислува надвор од мандатот. Затоа, важно е да кажеме и што претставуваме. Ние сме партија од десниот центар. И не го кажуваме ова како нешто што звучи добро на хартија. Го кажуваме затоа што веруваме во некои многу јасни вредности“,
рече Касами.
Генерален секретар на новиот политички субјект е Беким Сали, кој е и актуелен прв вицепремиер и министер за европски прашања. Тој во својот говор нагласи дека обединувањето на овој ентитет пренесува јасна порака за единство и евроатлантска ориентација.
„Можеме да имаме алтернативи за сè, но европската интеграција е ориентација без алтернативи. Ова е патување што се гради со кредибилни институции и секојдневна одговорност кон граѓаните“,
рече Сали.
На конгресот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и косовскиот премиер Албин Курти. Курти беше и еден од говорниците, а во својот говор рече дека конгресот има единствена симболика бидејќи се одржува токму на Денот на Европа, 9 Мај.
„Тоа е потсетник дека модерна Европа е изградена врз урнатините на фашизмот, супремацијата и војните. ЕУ е родена како проект на мир преку антифашизам и просперитет преку демократија. Ова е од особено значење за Балканот“,
рече Курти.
На конгресот присуствуваа и потпретседателот на Демократската партија на Албанија, Лучијано Бочи, како и градоначалничката на српската општина Прешево, Ардита Синани.
