Според индициите, веројатно се работи за членови на неговото потесно семејство, наведе Туск

Полскиот премиер Доналд Туск потврди дека во домот на напаѓaчот во Краков пронајдени се три тела.
Според индициите, веројатно се работи за членови на неговото потесно семејство, наведе Туск.
Ова следува откако полицијата денеска вршеше претрес во домот на осомничениот и на неговото семејство.
„Во оваа куќа би можело да има прилично многу оружје, прилично многу огнени оружја“,
кажа Туск.
Се вршат и проверки за да се утврди дали автомобилот на осомничениот претставува закана и дали би можел да експлодира.
Туск вели дека е „убеден“ оти властите ќе можат „многу брзо“ да ги приведат „евентуалните поддржувачи на сторителот“, како и дека полицијата и другите надлежни ќе ја информираат јавноста за ова „што е можно поскоро“.
Шефот на полската полиција, Марек Бороњ, изјави дека полицајците размениле оган со напаѓачот три минути откако добиле пријава за нападот, која пристигнала веднаш по 15:30 часот по локално време.
Двајца полицајци се оперирани поради здобиените повреди, а Бороњ упати порака за поддршка и солидарност кон нив и нивните семејства.
Тој додава дека на терен биле испратени околу 30 полициски екипи како помош.
Шест загинати, шеснаесет повредени во пукањето во Краков
Инцидентот се случи денеска попладне откако маж со возило влегол на главниот плоштад во Краков и почнал да пука „наслепо“ од автомобилот, при што шест лица биле убиени, а бројката на повредени се искачи на шеснаесет.
Меѓу убиените, тројца се полски државјани и еден е британски, додека останатите двајца сѐ уште не се идентификувани.

Од полицијата кажаа дека осомничениот бил застрелан и пренесен во болница. За време на апсењето и тој возвратил со оган, па затоа меѓу повредените се и двајца полицајци.
По нападот, министерот за внатрешни работи на Полска, Марчин Кервињски, кажа дека осомничениот е „застрелан и неутрализиран“ и e во тешка состојба.
Toj посочи дека станува збор за 25-годишен полски државјанин. Според надлежните, напаѓачот носел облека „во воен стил“, а една од претпоставките е оти оружјето користено во нападот било земено од семејниот дом на осомничениот.
Министерот за внатрешни посочи и дека првичните анализи укажуваат оти осомничениот бил инспириран од „крајнодесничарски идеологии“, а постојат и индиции дека имал „ултранационалистички ставови“. Ова, според ресорниот министер, допрва треба да се потврди.
Полицијата во Варшава најави дека ќе спроведе дополнителна безбедност по пукањето.
