Осомничениот е 25. годишен полски државјанин. Тој е хоспитализиран и е во тешка состојба, откако полицијата претходно го застрела. Во моментов се врши претрес и во неговиот дом

Осомничениот напаѓач е „застрелан и неутрализиран“ и се наоѓа во болница, во тешка состојба – сооопшти полскиот миниситер за внатрешни работи, Марчин Кервињски, по денешното пукање во Краков, во кој шест лица се убиени, а 15 се повредени.
Кервињски наведува дека напаѓачот во моментов се подложува на втора операција. Според него, нема причини да се верува оти имало повеќе од еден напаѓач.
Министерот за внатрешни работи додава дека напаѓачот, по сè изгледа, имал „многу радикални ставови“, а во автомобилот што го управувал биле пронајдени „многу парчиња огнено оружје“, додека претресите сè уште се во тек.
Тој појаснува дека станува збор за 25-годишен полски државјанин, а во моментов се врши претрес и во неговиот дом.
Одговарајќи на новинарско прашање, Кервињски изјави дека една од претпоставките е оти оружјето користено во нападот било земено од семејниот дом на осомничениот.
Министерот кажа и дека неколку парчиња оружје се регистрирани на име на таткото на осомничениот, но додава дека е „прерано“ да се извлекуваат заклучоци.
Тој посочи и дека првичните анализи укажуваат оти осомничениот бил инспириран од „крајнодесничарски идеологии“, а постојат и индиции дека имал „ултранационалистички ставови“. Ова, според ресорниот министер, допрва треба да се потврди.

Денеска околу 15 часот, се слушнале истрели во Краков, откако маж со возило влегол на главниот плоштад во градот и почнал да пука „наслепо“ од автомобилот, соопшти локалната полиција.
Од полицијата кажаа дека осомничениот бил застрелан и пренесен во болница. За време на апсењето и тој возвратил со оган, па затоа меѓу повредените се и двајца полицајци, од кои еден е во критична состојба.
Портпаролот на полицијата кажа дека осомничениот „носел облека во воен стил“.
Областа околу Главниот плоштад е блокирана, а полицијата ги отстранувала луѓето од местото на настанот, јавија повеќе светски медиуми.
Шестмина загинати во пукање во Краков, осомничениот носел облека во „воен стил“ – 360 степени
