Според Град Скопје, проектот произлегол од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер, и дека со заедничката реализација се испишува уште една убава страница во пријателството меѓу Македонија и Турција

Камени мост доби ново декоративно и архитектонско осветлување, а од Град Скопје, соопштија дека вчера светлото свечено било пуштено во употреба.
„Новото осветлување ја истакнува убавината на неговите сводови и му дава посебна величественост во срцето на градот Уште една причина да застанеме, да погледнеме и да си кажеме, колку убаво Скопје имаме. Токму таа убавина сме должни да ја чуваме. Со посветеност, со одговорност и со конкретни дела. Секое обновено обележје е почит кон оние што ни го оставиле и влог за оние што доаѓаат по нас“,
изјави Ѓорѓиевски.

Според соопштението, проектот произлегол од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер.
„Од договорена соработка до светлина што ја гледаме сите – така се гради пријателство што остава трага. Камениот мост опстојувал со векови. Нашата задача е да се погрижиме и генерациите по нас да го гледаат со истата љубов и гордост. За Скопје што го носиме во срцето. За Скопје што им го оставаме на нашите деца. Работиме, обновуваме и оставаме дела“,
кажа првиот човек на Град Скопје.

Ѓорѓиевски изрази голема благодарност на Општина Есенлер и на Мехмет Тевфик Гоксу, на Халк Банка и Фатих Шахбаз, како и на Ајдован Адемоски, за поддршката и придонесот и нагласи дека со заедничката реализација на овој проект се испишува уште една убава страница во пријателството меѓу Македонија и Турција.
