Народната банка продолжува со преземање активности за постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на Алта банка АД Битола, се вели во соопштението оттаму

Народна банка информира дека денеска вкупно 360 граѓани од Прилеп, Охрид и Ресен подигнале пари од Алта банка во Битола. Станува збор за граѓани кои имаат платежни сметки во банката, а не располагаат со платежни картички. За нив, Народна банка организираше превоз со автобуси до Битола, на нејзин трошок.
„Исплатата се одвиваше во најдобар можен ред, со добра организација и непречено опслужување на граѓаните. Особено успешно беше реализиран организираниот превоз на клиентите на Алта банка од Прилеп, Охрид и Ресен до филијалата во Битола и назад. Превозот се одвиваше според предвидениот распоред, а граѓаните од трите града имаа можност на полесен начин да пристапат до средствата на своите сметки. Граѓаните кои денеска ги подигнаа средствата можеа да повлечат до 20 000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели“,
велат од Народна банка.
Оттаму потсетуваат дека од понеделник, 9 ноември, ќе започнат со работа и шалтерите на Алта банка во Тетово и Струмица. На овие шалтери, клиентите кои немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20 000 денари.
Истовремено, од следната недела се зголемува и неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажните места со платежните картички на банката, од 10 000 на 15 000 денари.
„Народната банка продолжува со преземање активности за постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на Алта банка АД Битола, со приоритет да им се овозможи полесен пристап до нивните средства и уредно опслужување на сите клиенти“,
се вели во соопштението.
Народната банка на 1 ноември објави дека воведува привремена управа во Алта банка АД Битола.
