Велат дека оваа мерка ќе биде во сила до целосно расветлување на случајот

Работниот однос на двајцата вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, против кои Основното јавно обвинителство Штип поведе постапка за злоупотреба на службената положба и компјутерска измама, е ставен во мирување, информираат оттаму. Исто така, велат дека им е одземен и пристапот во електронскиот систем.
Осомничени се две лица – раководителот на секторот за „Е-индекс“ на Универзитетот и референтка за студентски прашања на еден од факултетите при УГД.
Во соопштението од УГД се наведува дека, согласно законските прописи, работните места на двајцата вработени веднаш се ставени во мирување и целосно им се одземени сите системски и администраторски привилегии во електронскиот систем за студентски досиеја. Велат дека оваа мерка ќе биде во сила до целосно расветлување на случајот.
„Проверката е насочена кон ограничен број случаи поврзани со постапките за запишување студенти, во овој контекст сакаме да ја увериме јавноста дека досиејата и евиденцијата на студентите надвор од овие случаи не се засегнати. Сите евентуално нелегитимно внесени податоци од страна на осомничените лица се предмет на истрагата и ќе бидат соодветно процесирани по завршувањето на истрагата од надлежните органи“,
велат од УГД.
Оттаму додаваат дека електронскиот систем на УГД поседува софистицирани дигитални механизми и записи што ги забележуваат сите интервенции, при што може да се лоцира евентуална индивидуална одговорност.
Од Универзитетот посочуваат дека остануваат во целосна и отворена соработка со ОЈО и МВР до конечно расчистување на случајот и, како што велат, нема да даваат коментари поврзани со постапката додека таа трае.
„УГД останува посветен на своите темелни академски вредности и знаеме дека решавањето на девијантните појави може да биде тешко, но сме уверени дека тоа е единствено исправно во насока на заштита на квалитетот на високото образование“,
додаваат од Универзитетот и ги повикуваат сите студенти, професори и вработени слободно и анонимно да ги пријавуваат сите сомнежи за евентуална злоупотреба на службената положба.
Инаку, на двајцата вработени на УГД Штип на 4 ноември им е одредена мерка притвор од осум дена.
