На гласањето му претходеа жестока дискусија и обвинувања меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, меѓу другото, и поради ставот на опозициската партија да не гласа за Протоколот
Протоколот со амандманите на веќе постоечкиот Договор за одбранбена соработка од 90-тите години меѓу Грција и САД, вчера со 175 гласа „за“ беше ратификуван во парламентот во Атина, јави МИА од Атина. Изменетиот договор меѓу двете земји го поддржаа владејачката Нова демократија и опозициското Движење на промена, а „против“ гласаа 33 пратеници и од Комунистичката партија, Грчко решение и МЕРА25, додека пак 80 пратеници од опозициската СИРИЗА беа воздржани.
На гласањето му претходеа жестока дискусија и обвинувања меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, меѓу другото, и поради ставот на опозициската партија да не гласа за протоколот.
„Ви побарав да го замрзнете законот сè додека не добиеме суштински заложби од нашите најсилни сојузници – САД да нè поддржат ако нашите соседи дополнително ги ескалираат нивните провокации. Ова, ако се сеќавате, го побарав пред да заминете во САД. Вие го сторивте токму спротивното. Гласате за договорот без никакво суштинско уверување за ставот на САД во тешките моменти. Самиот Ердоган смело објавува дека доаѓаат тешки моменти“,
рече Ципрас
Ратификацијата на Протоколот ја поздрави американскиот државен секретар Мајк Попмео, преку неговиот официјален твитер-профил и рече дека Грција е клучен НАТО-сојузник.
„Господине Ципрас, ова е договор за кој вие преговаравте. Не само што преговаравте туку во суштина го спроведовте затоа што многу од одредбите од договорот, кои денес се ратификуваат и добиваат правна сила, како што е работата на базата за дронови во Лариса или користење на пристаништето во Александрополи, веќе беа одредени од вашата владата. И правилно беше тоа, господине Ципрас“,
му возврати Мицотакис на претходниот премиер.
Протоколот со амандманите на веќе постоечкиот Договор за одбранбена соработка го потпишаа министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, и американскиот државен секретар Попмео, на нивната средба во грчкото МНР, на 5 октомври 2019, а во рамките на вториот стратегиски дијалог меѓу двете земји. Со договорот се предвидува бришење локации и места каде што со години не постои одбранбена соработка меѓу двете земји, а паралелно предвидува активности и употреба на објекти, онаму каде што е започната одбранбена соработка во изминатите три години