Фирма на синот на поранешниот градоначалник на Ново Село од редовите на СДСМ, Боро Стојчев, кој беше осуден за шверц на цигари, добила концесија за одгледување марихуана, обзнани денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Фирмата ЦМД Медплант од село Борисово, о. Ново Село, е фирмата која добила лиценца, а чиј сопственик е Перо Стојчев, син на поранешниот осуден градоначалник од СДСМ Боро Стојчев. Дали Зоран Заев навистина доделил лиценца на синот на осудениот за шверц градоначалник на СДСМ од Ново Село Боро Стојчев? Ако видовме дека шверцот на цигари е семеен бизнис на екс градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, дали ова значи дека нареден семеен бизнис на Стојчеви е шверцот на марихуана“,
праша Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа обвини дека ова е врв на, како што го нарече, скандалот „Канабис – милионите на Заев” и побара институциите да не замижат пред него, туку да има одговорност.
Боро Стојчев додека беше градоначалник на Ново Село, со уште четири лица во јули 2018 г., беше фатен во шверц на цигари во близина на македонско-бугарската граница. Првично беше осуден на 18 месеци затвор кои Апелација ги намали на 6. Неговиот син и внук добија по три месеци, а сопругата една година условно, која нема да се изврши ако не стори кривично дело во наредните две години. Откако беше фатен во шверц, Стојчев во октомври 2018 г. си поднесе оставка од функцијата, а избори за нов градоначалник во Ново Село се организираа заедно со претседателските во април и мај лани.
По обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека тој сега е дел од бизнис со канабис, од СДСМ излегоа со реакција во која велат дека ВМРО-ДПМНЕ без идеја и програма, исплашена од пораз, продолжува со конструирани случаи и измислици.
„Ништо не го менува фактот дека токму ВМРО-ДПМНЕ го донесе Законот за опојни дроги за кој денеска лажно обвинува, бранителката на обвинети за 27 април, бранителка на режимската влада на Груевски. За него гласале и Антонио Милошоски, Димитар Стевананџија и Владимир Ѓорчев, гласните пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Неоснованите, паушални обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ не можат да го сокријат стравот во опозициската партија од извесниот пораз на изборите. Затоа имаат потреба секојдневно да измислуваат и конструираат случаи“,
наведуваат од СДСМ.
Инаку, фирмата ЦМД Медплант е меѓу десетина фирми кои дозвола од владата за одгледување канабис за медицински цели во периодот од средината на декември 2019 до 15 јануари годинава. Според податоци од „Службен весник“, повеќето од решенијата се издадени за време на претходната влада, а на нив е потпишан доскорешниот премиер Зоран Заев.
„360 степени“ пред една недела објави анализа за тоа кои се последните десет фирми што добија „виза“ за одгледување канабис, која можете да ја прочитате ТУКА.