Претставници на УНЕСКО втор ден ја скенираат состојбата со природното и културното наследство во Охрид. По состанокот со градоначалникот Константин Георгиески, тимот од експерти направил обиколка на охридското крајбрежје, а вчера го посетиле и Националниот парк Галичица. Министерот задолжен за координација на спроведувањето на препораките од УНЕСКО, Едмонд Адеми, вели дека е задоволен од средбите со претставниците на УНЕСКО кои, како што вели тој, констатирале напредок во одредени сегменти.
„Тие се свесни дека нешто што триесет години се правело, како што се правело, не може преку ноќ да се промени. Она од што во УНЕСКО се задоволни е дека како влада имаме план и преземаме активности за имплементација на нивните препораки. Не мислам дека се прави шминка, не е шминка санацијата на колекторот, формирањето на комитетот, планот е усвоен“
изјави Едмонд Адеми.
Ова е одговорот на Адеми на критиките од невладиниот сектор дека не може прецизно да се утврди евентуалниот напредок во исполнувањето на препораките и дека пред УНЕСКО повторно ќе се презентира лажна слика.
Во однос на дивоградбите, Адеми додаде дека го задолжиле Државниот градежен инспекторат да направи обиколка во заштитениот појас. Негира дека има предизборни калкулации околу уривањето на дивоградбите.
„Апсолутно не се калкулира предизборно, тоа што е процес е процес и мора да се исполни, без разлика биле или не биле избори. Дивоградбите се еден сегмент и тоа најчувствителниот, меѓутоа тоа е така затоа што постојат закони, судови, управи постапки кои се почнати и ако сакате да бидете правна држава мора да ги почитувате процедурите“
додаде Адеми.
Вчера претставниците на УНЕСКО зад затворени врати се сретнаа и со невладините организации кои го повторија ставот дека, според нив, Охрид треба да се најде на листата светско наследство во опасност затоа што домашните власти претставуваат лажна слика дека се грижат за Охрид.
„Иако имаме регистри на дивоградби, решенија за уривање, ниту една дивоградба не е во целост отстранета. Тоа значи дека нема вистинско решение за проблемот. Упорно се одлагаат роковите и се дава време кое е одамна истечено за спасување на регионот. Привидно се прави нешто, а во реалноста сите гледаме дека ништо не е исполнето од наложеното. И понатаму се загрозува нашето единствено светско наследство, неговата автентичност и интегритет, што се надеваме ќе престане“,
изјави Драгана Велковска од „Охрид СОС“.
Конечните забелешки на експертите од УНЕСКО ќе бидат срочени во посебен извештај што најверојатно ќе биде објавен по испраќањето на извештајот за напредокот во спроведувањето на мерките, за што македонската Влада има рок до сабота, 1 февруари.