Ќе се анализираат примероците од камионите запрени на граничниот премин „Богородица“. Ништо нема да се препушти на случајот додека не биде безбедно, изјави заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули при денешниот престој во Прилеп, запрашан за ситуацијата со камионите на граничниот премин.
Макрадули појасни дека додека се анализира отпадот, тој може да стои на царинскиот терминал во Гевгелија или на друг царински терминал, каде што нема да се користи додека не стигне анализата.

„Камионите нема да се пропуштаат додека не стигнат анализите. И пред два-три месеци кога имаше контроли, не беа најдени неправилности. Но, во интерес на смирување и во општ интерес на здравјето на граѓаните, ние сакаме да покажеме сигурност и капацитет на функционирањето на институциите“,
рече Макрадули.
Макрадули е категоричен дека во држава не се депонира отпад забранет со закон.
„Во државава не се депонира странски отпад кој е забранет со закон. За тоа Министерството не може и не издава дозвола. Единствено може да се увезе отпад за да се обработи, да се рециклира и да му се даде додадена вредност. Како што вчера нагласивме, 15-ина тони опасен отпад од просторот на ОХИС веќе се наоѓа во Швајцарија каде што ќе може да биде обработен. Во нашата држава повеќе се извезува, отколку што се увезува отпад. Има процедури со кои секој отпад кој се увезува се контролира. Процедурата потпаѓа под таа Базелска конвенција каде сме потписници. Компанијата од државата од која извезува аплицира во нивното Министерство за животна средина и аплицира во сите министерства на државите во кои треба да помине, а компанијата која увезува аплицира во нашето Министерство“,
објаснува Макрадули.
Во врска со за утре најавениот протест на повеќе невладини организации кои бараат комплетно да се стопира увозот на отпад во земјава, па и оној за согорување, Макрадули смета дека вистинското решение не е со забрана, туку со регулирање и мониторинг.
„Работите не може да ги решите само со забрана, туку со мониторирање, регулирање. Токму на овој начин се гради довербата на институциите спрема граѓаните, со законско регулирање и мониторирање, со користење на најдобри практики и технологии. Само на тој начин може да се развива нашата држава“,
вели Макрадули.
Камионите со преработен отпад како алтернативно гориво, кои вчера беа запрени за контрола на границата со Грција, биле наменети за Цементарницата „Усје“.
Инаку, пред пет дена, од менаџментот на Цементарницата „Усје титан“ излегоа на прес-конференција на која зборуваа за користењето на алтернативни горива и посочија дека не се сметаат за загадувачи, односно дека се невистинити написите во јавноста, потенцирајќи дека користат најдобра пракса во работењето согласно стандардите на ЕУ.