Според француското Министерство за здравство, докторот бил веднаш примен во специјализирана установа и е во стабилна состојба
Франција потврди прв случај на ебола кај лекар што се вратил од хуманитарна мисија во Демократската Република Конго, пишува Би-би-си. Според француското Министерство за здравство, докторот бил веднаш примен во специјализирана установа и е во стабилна состојба.

Во написот се додава и дека властите работат на пронаоѓање луѓе кои можеби биле во контакт со лекарот. Министерството за здравство соопшти дека Франција има воспоставено „наменски систем за следење“ за хуманитарните работници кои се враќаат од ДР Конго.
Ова е првиот случај на ебола потврден во Европа, иако американски лекар, кој бил позитивен на тестот во ДР Конго, бил лекуван во германска болница минатиот месец.
ДР Конго објави епидемија на ебола минатиот месец, но експертите веруваат дека вирусот циркулирал со недели претходно. Потврдено е дека во централноафриканската земја од вирусот починале повеќе од 260 лица, додека 1 000 лица се заразени. Соседот на ДР Конго, Уганда, исто така има потврдено случаи на ебола. Според СЗО, во Уганда досега се заразени 20 лица и се потврдени два смртни случаи.
Здравствените работници се особено изложени на ризик од ебола, која се шири преку телесни течности. Минатата недела СЗО соопшти дека 17 од 75 здравствени работници кои се заразиле со ебола во ДР Конго починале. Тековната епидемија на ебола е предизвикана од видот на вирусот „бундибугио“, за кој во моментов нема вакцина.
