Со него во Германија пристигнаа уште шест лица што се смета дека биле во контакт со заразениот лекар, а според светските медиуми, меѓу нив најверојатно има и членови на неговото семејство
Здравствените власти во Демократска Република Конго соопштија дека досега се регистрирани 513 сомнителни случаи на ебола, додека најмалку 131 лице починало од последиците на заразата
Американски лекар заразен со ебола e евакуиран од Демократска Република Конго и во текот на ноќта со специјален авион e пренесен во болница во Германија, каде ќе биде лекуван под строги безбедносни и медицински мерки.

Авионот слетал на аеродром во Берлин, по што заразениот лекар Питер Стафорд е префрлен со специјално санитетско возило до берлинска болница.
При неговото пристигнување, медицинските тимови, облечени во заштитни одела, визири и респираторна опрема, го транспортираа пациентот под највисоко ниво на заштита.
Со него во Германија пристигнаа уште шест лица што се смета дека биле во контакт со заразениот лекар, а според светските медиуми, меѓу нив најверојатно има и членови на неговото семејство.
Колона возила со полициска придружба се упат кон специјалниот изолациски центар во рамки на клиниката „Вирхов“, каде пациентот ќе биде сместен во строго контролирани услови.
Станува збор за едно од најсовремените европски одделенија за лекување на високоризични заразни болести. Центарот располага со посебни изолациски простории, воздушни комори, напредни системи за вентилација и филтрација, како и затворен систем за третман на отпадни води.
Според германските власти, капацитетот овозможува истовремено лекување на до 20 пациенти.
Надлежните уверуваат дека нема опасност за граѓаните ниту за останатите пациенти во болницата, нагласувајќи дека се преземени сите неопходни мерки за изолација на заразениот пациент.
Здравствените власти во Демократска Република Конго соопштија дека досега се регистрирани 513 сомнителни случаи на ебола, додека најмалку 131 лице починало од последиците на заразата.
Ебола се пренесува преку директен контакт со заразено лице и неговите телесни течности. Една од најтешките епидемии на овој вирус ја погоди Западна Африка во периодот од 2014 и 2015 година, кога животот го загубија повеќе од 11 000 луѓе.
