Епидемијата на ебола во Централна Африка, предупредуваат од Светската здравствена организација, може да прерасне во една од најголемите досега со оглед на тоа што бројот на потврдени случаи се искачи на 471, што е зголемување за 100 случаи за само 24 часа
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека епидемијата на ебола во Централна Африка би можела да прерасне во една од најголемите досега, со оглед на тоа што бројот на потврдени случаи се искачи на 471, што е зголемување за 100 случаи за само 24 часа.

Според најновиот извештај на СЗО објавен денеска, во Демократска Република Конго, каде што епидемијата беше официјално прогласена пред три недели, досега има 452 заразену, вклучувајќи 82 смртни случаи. Во соседна Уганда, пак, регистрирани се 19 случаи на ебола и два смртни случаи.
СЗО веќе ја прогласи кризата за меѓународна вонредна состојба за јавното здравје.
Епидемијата поврзана со реткиот сој на ебола – бундибугио беше прогласена на 15 мај во ДР Конго, иако се верува дека вирусот се ширел и претходно. Во моментов нема одобрени вакцини или третмани за сојот.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус и Африканскиот центар за контрола и превенција на болести во петокот претставија заеднички шестмесечен план за борба против еболата, вреден 518 милиони долари, повикувајќи на финансиска поддршка и политичка посветеност за да се спречи ширењето на епидемијата.
