„Кога нашиот претседател Арбен Таравари бара јасни гаранции за почеток на преговорите со ЕУ и за гласањето на уставните измени, тој не бара функции, привилегии или политички пазарења. Тој бара сигурност за граѓаните, перспектива за младите и јасен европски пат за државата“, коментираат од Алијанса за Албанците по наводите за евентуално приклучување на Таравари во Владата
Кога бара јасни гаранции за почеток на преговорите со Европската Унија и спроведување на уставните измени, Арбен Таравари не бара функции, привилегии или политички пазарења – коментираат од Алијанса за Албанците по наводите дека Таравари би ѝ се приклучил на Владата ако се постигне нов политички договор кој ќе опфати гаранции дека земјава би ги започнала преговорите со Европската Унија.

„Кога нашиот претседател Арбен Таравари бара јасни гаранции за почеток на преговорите со ЕУ и за гласањето на уставните измени, тој не бара функции, привилегии или политички пазарења. Тој бара сигурност за граѓаните, перспектива за младите и јасен европски пат за државата“,
велат од Алијанса за Албанците.
Дека уставните измени се клучниот услов за деблокирање на евроинтеграцискиот процес, додаваат од партијата, јасно е истакнато и од највисоките претставници на Европската Унија.
„Но Владата, а особено Влен, кој ветуваше дека европската интеграција ќе биде приоритет, денес молчи пред блокадата и останува на власт без гаранции, без резултати и без одговорност. Северна Македонија, некогаш меѓу првите земји во регионот со кандидатски статус, денес гледа како Црна Гора и Албанија напредуваат, додека ние остануваме заложници на политичките калкулации. Секоја изгубена година значи помалку инвестиции, понизок животен стандард и повеќе млади кои својата европска иднина ја бараат со напуштање на државата“,
додаваат од АА оценувајќи дека застојот е политички избор за кој некој мора да понесе одговорност.
Во интервју за телевизија Шења од пред два дена, Арбен Таравари рече дека би било понижувачки тој и неговата партија да влезат во Владата од која веќе еднаш излегле, но не ја исклучува можноста за разговори доколку биде постигнат, како што рече, нов политички договор во кој би имало гаранции за почеток на преговорите со ЕУ.
Коментирајќи ја изјавата на Таравари, премиерот Христијан Мицкоски рече дека вакви работи не се разговараат преку медиуми и на поранешниот министер за здравство му порача дека нема поголема гаранција за евроинтегративниот пат од раскинување на договорот со „Ѓока констракшн“.
