Коментирајќи ја изјавата на поранешниот министер за здравство Арбен Таравари – дека се потребни гаранции за почеток на преговорите со ЕУ, премиерот рече дека нема поголема гаранција за евроинтегративниот пат од раскинување на договорот со „Ѓока констракшн“
Вакви работи не се разговараат преку медиуми – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја изјавата што вчера во интервју за телевизијата Шења ја даде Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, во врска со евентуалното враќање на неговата партија во владата.

На новинарско прашање дали е можно Алијансата за Албанците повторно да биде дел од извршната власт, Таравари рече дека е понижувачки да влезе во владата од која веќе еднаш излегол, но не ја исклучува можноста за разговори доколку биде постигнат, како што рече, нов политички договор
„Само со нов договор во кој би имало барем гаранции за почеток на преговорите со Европската Унија и во тој случај може да се разговара и за уставни измени, во спротивно немаме што да бараме таму“,
изјави Таравари во синоќешното интервју за телевизијата Шења.
Коментирајќи ја изјавата на поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, премиерот рече дека нема поголема гаранција за евроинтегративниот пат од раскинување на договорот со „Ѓока констракшн“.
Инаку, фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија беше единствената пријавена на огласот за изградба на катните гаражи и стопанисување на паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во период кога министер за здравство беше Арбен Таравари. По реакциите во јавноста и во опозицијата за неповолните услови за склучување договор со „Ѓока констракшн“, Таравари рече дека нема да биде постигнат договор со компанијата.
