Во моментов, според министерот за здравство, се разгледуваат две опции, од кои едната е Јавното претпријатие „Градски паркинг“ да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клиничкиот центар
Нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која беше единствената пријавена на огласот за изградба на катните гаражи и стопанисување на паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари и посочи дека во моментов се разгледуваат две опции за стопанисување со паркингот на Клинички.

„Првата е Јавното претпријатие ‘Градски паркинг‘ да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клиничкиот центар“,
рече тој.
Според него, отворени се за сите политички партии и за јавноста, кои имаат идеја како да го решиме проблемот на паркинзи и катни гаражи.
„Не мора да бидат катни гаражи, нека ми дадат идеја како поинаку да ја решиме гужвата на Клинички, оти на луѓето им треба еден час да се паркираат“,
кажа министерот.
Посочи дека на Клинички се потребни уште 500 до 600 паркин места, а за да нема гужва неопходно е тоа да се 1 000 до 1 110 места.
Договорот за изградбата на катни гаражи кај Клинички центар е тема што деновиве е актуелна, откако „Призма“ објави дека нив ќе ги гради компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија.
На огласот, кој беше распишан на 15 ноември, се јавила само „Ѓока констракшн“.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера рече оти не знае зошто се крева паника околу случајот со изградба на катни гаражи кај Клиничкиот центар во Скопје бидејќи, како што вели, договорот со албанската компанија „Ѓока констракшн“, за која постојат најави дека ќе стопанисува со паркингот, сè уште не е потпишан.
Премиерот Христијан Мицкоски во петокот изјави дека во врска со стопанисувањето на паркингот на Клинички центар се уште нема одлука на Влада, а договор не е потпишан, и како што кажа, „ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме“.
Како што објави „360 степени“, во огласот се превидува приватниот партнер да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг на Клинички, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Владата на седница во август минатата година донесе одлука да се градат монтажни катни гаражи на Клиничкиот центар со јавно-приватно партнерство и формираше Комисија за спроведување на постапката.
Сега со паркингот на Клинички стопанисува ЈП „Градски паркинг“ Скопје.
Поврзани вести:
- (ВИДЕО) Катни гаражи на Клинички – решение за паркинг или „златна кокошка“ за идниот концесионер
- (ВИДЕО) Дали идниот концесионер на паркиралиштата на Клинички добива „златна кокошка“ – одговара министерот Таравари
- Државата се откажува од милионски профит бидејќи немала пари сама да изгради катни гаражи на Клинички
- Таравари: Договорот за изградба на катните гаражи кај Клинички сè уште не е потпишан, прво треба да помине на Влада
- „Ако јавноста не сака, нема да потпишеме“, вели Мицкоски по најавите дека „Ѓока констракшн“ ќе стопанисува со паркингот на Клинички
- „Призма“: Албанската „Ѓока констракшн“ ќе стопанисува со паркингот на Клинички центар