Според скопскиот градоначалник, за подобра контрола на потрошувачката е воведен систем на следење на автобусите и возилата на јавните претпријатија и на Градот Скопје преку ГПС-уреди, а поставени се и сонди за мерење на горивото
Најави и дека наскоро се очекува да пристигнат 100 нови еколошки автобуси, кои, според него, ќе помогнат во нормализирањето на состојбите во ЈСП, ќе овозможат подобра организација на линиите и поредовен автобуски превоз
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) годинава остварило заштеда од околу половина милион евра за гориво, сума што би можела дополнително да се зголеми по финалниот годишен извештај, изјави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Ова тој го соопшти во вклучување во живо на Фејсбук, во кое разговараше со граѓаните за подготовката на буџетот за 2027 година.

Според него, заштедата е остварена и покрај тоа што на улиците сообраќаат околу 50 автобуси повеќе отколку во периодот кога ја презел функцијата.
„Имаме половина милион евра заштеда за гориво во услови кога имаме 50 автобуси плус пуштено во оптек. Јас кога станав градоначалник, во ЈСП функционираа 148 автобуси, денес сообраќаат на линиите над 200 автобуси, а имаме над половина милион евра заштеда, што значи дека некој дебело се офајдувал во минатото на сметка на нас граѓаните“,
рече Ѓорѓиевски.
Посочи дека за подобра контрола на потрошувачката е воведен систем на следење на автобусите и возилата на јавните претпријатија и на Градот Скопје преку ГПС-уреди, а поставени се и сонди за мерење на горивото.
Најави и дека наскоро се очекува да пристигнат 100 нови еколошки автобуси, кои, според него, ќе помогнат во нормализирањето на состојбите во ЈСП, ќе овозможат подобра организација на линиите и поредовен автобуски превоз.
„Тимови од ЕВН, Министерството за транспорт и ЈСП работат за да ги адаптираме позициите за да може новите автобуси да имаат соодветни полначи. Некаде треба да се изградат и трафостаници. Има неколку позиции каде ќе треба да се полнат“,
додаде тој.
