Министерот за социјална политика, демографија и млади објаснува дека со членот 17 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој е објавен на ЕНЕР, се предлага бришење на членот 120 од постојниот закон, со кој се регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување власта ја брише одредбата со која се регулира уплатата на шест отсто од придонесот во вториот пензиски столб
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во писмена изјава за ТВ 24 ги отфрла наводите дека се укинува вториот пензиски столб и уверува дека тој ќе продолжи да функционира.

Министерот објаснува дека со членот 17 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој е објавен на ЕНЕР, се предлага бришење на членот 120 од постојниот закон, со кој се регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб.
Но, како што вели, тоа не значи дека се укинува придонесот или самиот пензиски столб.
„Не се укинува вториот пензиски столб. Со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не се укинува ниту вториот пензиски столб ниту придонесот што се уплаќа во него. Станува збор за законско и техничко усогласување на регулативата. Имено, со член 17 од предлог-законот,кој е објавен на ЕНЕР, се предлага бришење на член 120 од постојниот закон кој ја регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб. Но, тоа не значи дека придонесот се укинува или дека се укинува вториот пензиски столб. Напротив, неговото нормативно уредување се пренесува во Законот за задолжителни социјални придонеси, каде што системски ќе се регулираат прашањата поврзани со задолжителните социјални придонеси. Значи, вториот пензиски столб продолжува да постои, а придонесот продолжува да се уредува со закон. Станува збор за пренесување на законската одредба во друг закон, а не за укинување на пензискиот столб“,
вели тој.
Според министерот, законската одредба за придонесот ќе биде пренесена во Законот за задолжителни социјални придонеси, каде што системски ќе се регулираат прашањата поврзани со задолжителните придонеси.
Ова е дел од најавената реформа на пензискиот систем, која предвидува придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, за вработување и за здравствено осигурување да се уплаќаат преку Управата за задолжително социјално осигурување, а нивната распределба да ја врши Управата за јавни приходи.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување власта ја брише одредбата со која се регулира уплатата на шест отсто од придонесот во вториот пензиски столб.
Од партијата тврдат дека со ваквата промена средствата би останувале во првиот пензиски столб, односно во Фондот за ПИОМ.
„Дали ова значи дефинтивно рушење на вториот пензиски столб? Криминалната власт ги доведува во ризик пензиските заштеди на повеќе од 650 000 граѓани, на сите родени по 1 јануари 1967 година кои се во вториот пензиски столб. Фондот за ПИОМ е доведен до сериозна финансиска неодржливост“,
се наведува во партиското соопштение.
