Градоначалникот најави и дека Скопје навреме ќе биде украсено за новогодишните празници, а не во последните денови од декември
Во Скопје ќе има организиран дочек на Новата 2027 година, а забавната програма ќе биде посветена на македонската музика и домашните изведувачи, најави денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во вклучување во живо на Фејсбук, во кое разговараше со граѓаните за подготовката на буџетот за следната година.

Програмата, како што рече, веќе се подготвува, а поддршка во организацијата на културниот дел и ангажирањето на изведувачите и годинава ќе даде „Државната лотарија“.
И покрај различните мислења во неговиот тим и кај дел од граѓаните, посочи дека одлучил годинава акцентот за прославата да биде ставен на домашните музичари.
„Иако имаше поделени мислења кај дел од мојот тим, често и кај граѓаните кога комуницирам, јас одлучив акцент да ставиме на македонска музика и македонски изведувачи оваа година. Мислам дека имаме широк спектар наши уметници кои се познати не само во Македонија туку и пошироко. Така што, најдоброто е домашното и затоа ќе имаме оваа година наши македонски изведувачи на кои ќе им дадеме шанса да ги забавуваат скопјани“,
рече тој.
Според најавата, новогодишната програма нема да биде ограничена само на 31 декември, туку ќе започне околу 15 дена претходно.
Градоначалникот најави и дека Скопје навреме ќе биде украсено за новогодишните празници, а не во последните денови од декември.
