Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека овој парламент е, практично, пред згаснување, а во меѓувреме, според него, мнозинството не покажало подготвеност да прифати предлози од опозицијата
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е еден од учесниците во процесот „Жан Моне“, изјави денеска дека нема големи очекувања од утрешната нова сесија од дијалогот „Жан Моне“ во парламентот. Тој не очекува дека во дводневната дебата ќе бидат доближени позициите на мнозинството и опозицијата за одредени спорни прашања.
„Немам големи очекувања. Тој процес трае подолго. Трае две години. Немаше никаква подготвеност од страна на владејачкото мнозинство да прифати предлози од опозицијата кои ќе значеа поефикасен парламент и немам чувство дека сега на крај на мандатот ќе може нешто да се промени од тој аспект. Овој парламент е практично пред згаснување и немам големи очекувања“,
изјави Димовски.
Toj вели дека на средбата може да бидат реафирмирани ставовите во врска со независноста на Собранието.
„Остануваат уште многу битни сегменти – независноста во обезбедувањето, независноста во функционирањето на буџетот во Собранието, но околу Деловникот немам чувство дека може нешто посериозно да се случи“,
рече Димовски.
Спорни, како што потврди денеска претседателот на Собранието Талат Џафери, се точките за промена на името на државата во Деловникот и начинот на избор на генералниот секретар на Собранието. Се бара и двотретинско мнозинство за гласање на потребата за донесување на законите по скратена постапка, што, според Џафери, е во колизија со итноста на постапката. Ќе се разговара и за воведување календар за работа на Собранието, што е комплексно прашање, со оглед на тоа што, според Уставот, македонското Собрание е во постојано заседание.
Иако вели дека има големи разлики, пратеникот Димовски вели дека има и прашања за кои постои усогласеност како тоа дека конститутивната седница на парламентот треба да се дефинира многу попрецизно.
„Но има и многу работи кои две години одбиваа да ги прифатат. Ако нешто променат во односот, ќе видиме. Но, да бидам искрен, немам преголеми очекувања. Сепак, овој парламентарен состав не беше на ниво на задачата да направи прогрес во овој сегмент од својата работа“,
Оценува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Утре попладне во парламентот почнува третата парламентарна средба во рамки на процесот „Жан Моне“, на која ќе учествуваат и новите европратеници – известувачот за Македонија Илхан Кјучук, Андреас Шиедер и Марион Валсман. Дебатата ќе продолжи и во сабота, а на крајот на денот е предвидена работна вечера на европратениците со лидерите на седумте парламентарни партии, кои настапуваа самостојно на изборите во 2016 година или, пак, предводеа коалиции. Се очекува на оваа средба да стане збор и за евроинтеграцискиот процес и претстојните предвремени парламентарни избори.