Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во дебата на „360 Степени“ рече дека по излегувањето на Британија од ЕУ, фокусот ќе биде на билатералните односи.
Како што кажа, по две и пол години преговори меѓу двете земји, спремен е билатералниот договор со наслов „Договор за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Велика Британија“.
„Првенствено ќе биде фокусиран на економските и трговските односи, но она што е битно е дека оваа димензија ќе трае до крајот на транзицискиот период, што трае една година. Иако имаме една година, мислам дека на некоја од наредните седници на Владата ќе биде изгласан овој договор. И двете страни инсистираа да биде час поскоро решена таа димензија, што значи дека односите ќе бидат најнормални“,
рече Жерновски.
Тој вели дека од регионот единствено Косово пред С. Македонија изгласува ваков договор со Велика Британија.
Во однос на гласањето за договорот во парламентот, Жерновски вели дека најверојатно тоа ќе се случи во новиот парламентарен состав по изборите.