Новинарот и коментатор Љупчо Поповски во дебата на „360 Степени“ зборуваше за тоа дали има поврзаност меѓу Брегзит и француското противење за почеток на преговорите со ЕУ на С. Македонија и Албанија.
„Читајќи многу материјали од инсајдери во Брисел, една од забелешките после октомврискиот самит беше дека отсуството на Британија му помогнала на Макрон да го стави ветото во октомври за Македонија и за Албанија. Бидејќи веќе имаше наредба, одлука на Борис Џонсон, претставниците на Велика Британија да не присуствуваат на состаноците, освен на некои пониски структури“,
вели Поповски.
Поповски вели дека Британија беше еден од најголемите заговорници за проширување на ЕУ кон посткомунистичка Европа, па со нејзиното излегување тој простор ќе остане непополнет.
„Британија ја играше улогата на некаков мост и пречка помеѓу Франција, Германија и останатите земји во ЕУ, особено нордиските, Холандија и Ирска, сега тој простор е оставен празен. Тоа го гледаме и по постапувањето на Макрон. Сега тој наеднаш сака да се постави како главен играч во ЕУ и тој да ја наметне агендата за геополитиката и за внатрешното уредување во ЕУ. Мислам дека ќе има последици отсуството на Британија“,
вели Поповски.
Тој вели дека со излегувањето на Британија од ЕУ има назнаки дека се формира друг блок на противтежа од држави кои се залагаат за слободна трговија, либерални вредности и единствен пазар.
„Тука се Ирска, Холандија и трите нордиски земји. Тие ќе ја немаат истата сила како кога беше и Британија, но ќе се создаде еден блок којшто треба да им се спротистави на јужните земји како Шпанија, Италија и Грција, а во кои спаѓа и Франција, а Германија е тука да балансира меѓу север и југ. Никој не знае што ќе се случува“,
вели Поповски.