Пред стартот на предизберието останува неизвесноста дали челниците на двете најголеми партии ќе се појават како ривали, односно носители на листи во иста изборна единица или, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ воопшто нема да влезе во натпревар за пратеничко место
Во очекување на распуштањето на парламентот и официјалниот старт на предизборието, неизвесно е дали на овие избори ќе има директен дуел меѓу лидерите на двете најголеми партии. Односно дали Зоран Заев (СДСМ) и Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ) ќе се соочат во иста изборна единица како носители на листите на своите коалиции или единствено ќе остане ривалството на национално ниво како кандидати за иден премиер.
Централниот одбор на СДСМ синоќа ја почна постапката за номинирање и самокандидирање за претстојните парламентарни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, досега не добивме одговор кога ќе почне постапката за кандидирање и како ќе тече процедурата. Калкулациите околу можните кандидати за пратеници се очекува да се засилат кон средината на февруари, односно по распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите, кога ќе почнат да течат и роковите за спроведување на изборните дејствија. Кон средината на март, партиите и коалициите што ќе учествуваат на изборите треба да ги достават кандидатските листи во ДИК.
Заев повторно во „четворката“
Првичните проценки во ВМРО-ДПМНЕ се дека се реални шансите партискиот лидер Христијан Мицкоски да не биде носител на листа на коалицијата, па и воопшто да не се кандидира за пратеник, туку единствено да настапува како кандидат за премиер. Тоа би било во прилог на иницијативата што тој ја пласираше пред извесно време за т.н. „шпицен кандидат“. И за ова прашање денеска нема поконкретен одговор од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова ќе бидат први парламентарни избори за Мицкоски, за кого прв изборен тест по доаѓањето на чело на ВМРО-ДПМНЕ беа ланските претседателски избори. На локалните избори во 2017 година, пак, Мицкоски беше носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, но веднаш се повлече од советничкото место, со оценка дека тие избори биле „африканско-колумбиско-сицилијански“. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе ги носи одлуките за позициите на Мицкоски не претстојните избори, покрај одлуката што беше донесена на крајот на годината – тој да настапува како кандидат за премиер.
Но и Заев планира враќање на чело на Владата, така што во повеќе наврати истакнува дека бара нов и чист мандат.
Во однос на доскорешниот премиер, ситуацијата е почиста, односно најавите од СДСМ се дека тој и на овие избори ќе биде носител на листа, веројатно, повторно во четвртата изборна единица (ИЕ). И на минатите избори Заев беше носител на листата во овој регион, во чиј состав е и Струмица. Така, го „принуди“ тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, исто така, да се кандидира во оваа ИЕ – за да има директен дуел со неговиот главен противник.
Кои се можните носители на листи?
Иако внатрепартиските процедури за номинирање кандидати за пратеници се на самит старт, од партиските штабови почнуваат да излегуваат првите лицитации околу можните носители на листи. Соговорници од ВМРО-ДПМНЕ како сигурен носител на листа ја споменуваат кандидатката на претседателските избори Гордана Силјановска-Давкова и тоа за првата (скопска) ИЕ, каде што во 2016 година беше носител на листа (на СДСМ) и сегашниот шеф на државата Стево Пендаровски, откако ги изгуби претседателските избори во 2014 година.
Во случај, пак, Мицкоски да биде носител во „единицата“, тогаш Силјановска, според проценките, би била носител во „петката“, во чиј состав се Охрид и Кичево… Како можен носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во втората ИЕ се спомнува партискиот потпретседател Владо Мисајловски, а во „тројката“ генералниот секретар Игор Јанушев. Владимир Ѓорчев, наводно, е повторно во игра за „шестката“, а како можен носител на листа се спомнува и техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, при што, според најавите, би се водела сметка тоа да биде ИЕ каде што на чело на листата на СДСМ би била жена.
Од „женското лоби“ во СДСМ, пак, како можно ново име за носител на листа се спомнува сегашната вицепремиерка Мила Царовска, а во комбинација повторно е и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Во втората ИЕ носител би бил техничкиот премиер Оливер Спасовски, освен ако не се процени дека, поради обврските на чело на Владата, нема да може да се вложи доволно во партиската кампања. За „тројката“ како можен носител и овој пат се спомнува Љупчо Николовски, актуелниот генерален секретар на СДСМ.