Одбраната на Камчев побара судот да не ги конфискува плацовите на Водно кои сега се во сопственост на семејството на бизнисменот Сергеј Самсоненко бидејќи, како што велат, тие се уредно продадени, а она што е придобивката од кривичното дело се трите стана во „Панорама Резиденс“ за кои, исто така, се бара конфискација
За поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, доказите во судскиот предмет „Плацови на Водно“ се монтирани. Бизнисменот Орце Камчев се покаја, но за дело со поинаква правна квалификација. Кумот на експремиерот Никола Груевски (првообвинет), Ристо Новачевски изрази жалење и кажа дека е искористен.
Вака може се сублимираат денешните завршни зборови на одбраната во предметот „Плацови на Водно“, кој по девет месеци судење влезе во своето финале. Судечкиот совет на чело со судијата Илија Трпков ќе ја објави пресудата на 21 април.
Како се бранеше Мијалков
Мијалков, кому му се става на товар дека со умисла, давање совети и упатства и ставање средства на располагање му овозможил на Груевски да ги купи плацовите на Водно, иако знаел дека парите се од кривично дело, а понатаму му помогнал за да го скрие потеклото и тоа кој е вистинскиот сопственик на имотот, во завршните зборови ги отфрли обвинувањата.
„Обвинителството се обиде да даде конструирани или монтирани докази да се потврди тоа што го пишува во обвинението. Сакам да потенцирам дека дури ни тие докази кои беа понудени, а тоа се двата исказа на сведоците Александар Ивановски (Алек Теранова) и Мето Стојчевски, не го потврдуваат тоа“,
рече Мијалков, кој додаде дека дури и да е точно тоа што се тврди, тој не би можел да знае дека Груевски купувал имот со нелегално стекнати пари.
Нешто не чини во приказната, рече и еден од неговите адвокати, Звонко Давидовиќ, според кого, исто така, нема докази, па обвинителката Лиле Стефанова бара да ѝ се верува на зборот. Еден од сегментите што тој го оспоруваше е дека нема докази оти парите Груевски ги присвоил од партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Прво, обвинителството воопшто не докажа дека постојат пари кои се производ на какво било кривично дело. Наводно оштетената партија, ВМРО-ДПМНЕ, не пријави отштетно побарување ниту сите овие 10 години се утврди дека фалат какви било пари, а особено не вака значителен износ од 1,3 милиони евра“,
рече Давидовиќ, додавајќи дека ниту контролите на државните ревизори не утврдиле дека фали еден денар од партиската каса.
Тој се повика и на изводите од Агенцијата за катастар каде никаде не фигурира името на Груевски за спорното земјиште на Водно, како и тие за трите стана во „Панорама Резиденс“.
„Зошто е важно ова? Затоа што ако првообвинетиот (Никола Груевски) не затаил пари и не купил плацови, мојот клиент нема во што и да учествувал“,
рече адвокатот.
Според одбраната на ексшефот на УБК, ниту еден сведок не кажал дека Мијалков учествувал во купување, продажба или ставање некакви средства на располагање. Исто така, прашаа и која е логиката Груевски да барал економски совети од Мијалков кога тој е експерт за економија и долгогодишен министер за финансии и премиер.
За Мијалков, обвинителката Лиле Стефанова, пак, претходно кажа дека додека беше во бегство лани во февруари, при претрес на неговиот автомобил биле пронајдени договорите со фирмата „СС Инвестмент“ за трите стана во „Панорама Резиденс“, за кои обвинителството тврди дека Груевски ги трампал во замена за плацовите.
Неговите адвокати, пак, рекоа дека тоа не е точно.
„Ова не е точно затоа што таков документ не постои, а и вие во предметот го немате“,
рече Давидовиќ.
Камчев побара поинаква квалификација, но и да не бидат конфискувани плацовите
Одбраната на обвинетиот бизнисмен Јордан (Орце) Камчев, пак, во своите завршни зборови побара ако тој треба да одговара, тоа да биде за кривично дело со поинаква правна квалификација.
Според завршните зборови на неговиот адвокат Еленко Миланов, делото перење пари кое е предмет на овој судски процес, според допрецизираниот обвинителен акт, е сторено во периодот од октомври 2012 до септември 2013 г., а неговиот клиент се инволвира во случајот дури во периодот од јули до октомври 2015 година.
„Простата математика кажува дека доколку има какво било дејствие на господинот Јордан Камчев, истото е година и пол откако кривичното дело по член 273 од Кривичниот законик (перење пари и други приноси од казниво дело), според диспозитивот на ова обвинение, веќе било завршено“,
рече Миланов.
Поради тоа, тој побара неговиот клиент, ако треба да одговара, тоа да биде за помагање на сторител по извршено кривично дело. Камчев, рече адвокатот, не спори дека ги презел дејствијата за да му помогне на обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој инаку е краен сопственик на фирмата „Сирах Лимитед“ од Белизе преку која била отворена фирмата-ќерка „Сирах Инженеринг“ на чие име биле купени плацовите. За потсетување, според тврдењата на бизнисменот, тој му помогнал да се „откачи“ од фирмата кога Јосифовиќ од „бомбите“ и новинарските стории дознал за што била искористена фирмата, а одлучил и да ги купи бидејќи Груевски барал такво нешто преку неговата сестра Кристина Камчева.
„Ова се дејствија што тој (Камчев) не ги спори и податоци кои тој ги даде и врз основа на кои е изменет обвинителниот акт. Доколку треба да биде укорен за ова свое однесување, тоа треба да биде во однос на правната квалификација од членот 365 од Кривичниот законик“,
рече Миланов, кој потоа уште еднаш нагласи дека неговиот клиент е подготвен да ја прифати судската одлука доколку тој биде казнет за ова кривично дело.
И самиот Камчев не го негираше ваквото дело.
„Се согласувам со завршните зборови на моите адвокати и, исто така, пред овој судечки совет сакам да се покаам во врска со делото помагање на сторител по извршено кривично дело“,
рече Камчев.
Неговиот друг адвокат, Гоце Ристовски, пак, во завршните зборови акцент стави на барањето на обвинителката Лиле Стефанова да бидат конфискувани и земјиштето на Водно, но и трите стана за кои бизнисменот во исказот кажа дека Груевски ги трампал за плацовите.
Според неговото излагање, плацовите не треба да бидат предмет на конфискација зашто се докажало дека луксузните станови се ќарот од кривичното дело, додека земјиштето на Водно кое го купиле Камчеви понатаму легално е препродадено.
„Обвинението кажува дека приносот од кривичното дело се трите стана од 750 квадрати во ’Панорама Резиденс‘ кои овој суд привремено ги замрзна. Ако приносот се овие три стана, како што тврди обвинителството, а го потврди и Камчев, зошто се бара конфискација и на земјиштето во местото Шербетница на Водно кое во моментов е сопственост на фирмата ’Лајв кеар центар‘“,
рече адвокатот.
Фирмата на чие име се плацовите сега е во сопственост на семејството на бизнисменот Сергеј Самсоненко, па адвокатот нагласи дека фирмите на Камчеви, кои му го продале земјиштето на рускиот бизнисмен, сега би се нашле во незавидна ситуација.
„Ако помине ваквата конфискација, несомнено, правните лица ќе се најдат во незавидна ситуација каде ќе треба да вратат парични средства кон трето лице, а факт е дека имаме уреден и целосно исплатен договорен однос“,
рече адвокатот.
„Бев искористен“, рече кумот на Груевски
Ристо Новачевски, кој е еден од обвинетите, пред судот кажа дека бил искористен.
„Жалам за стореното, бев искористен“,
рече Новачевски, кој инаку му е кум на Груевски од првиот брак.
Новачевски кога даваше одбрана пред неколку рочишта кажа дека Груевски од него побарал да биде управител на фирмата „Сирах инженеринг“ (фирмата ќерка на „Сирах лимитед“) преку која било купено земјиштето на Водно, а посочи дека тој по желба на неговиот кумашин го купил и државното земјиште во Крушево, кое исто така е опфатено со обвинението.
Неговиот адвокат, Сашко Дукоски, рече дека не го спорат тоа и оти Новачевски истото го кажал и во време на истрагата во два наврати, но, според одбраната, судот треба да го има предвид времето кога се случувале овие настани и фактичката моќ која постоела тогаш, алудирајќи на Груевски. За парите кои се прелевале на сметка на фирмата, пак, порача дека неговиот клиент ниту знаел ниту може да знае од каде потекнуваат.
Одбраната на Ненад Јосифовиќ, кој е краен сопственик на „Сирах Лимитед“ од Белизе, пак, порача дека тој не учествувал во ништо односно дека компанијата ја основал за свои бизнис интереси, а потоа кога му побарале слободна фирма, тој се согласил да даде полномошно да се отвори фирма-ќерка во земјава и не знаел за што се користи.
„Дури во 2015 г., кога почнаа да се објавуваат ’бомбите‘, тој првпат го слушанал името на компанијата и ставањето во корелација со Груевски. Бидејќи се посомневал во намерата за што била користена, побарал помош од Јордан Камчев, кој одлучил да го купи уделот. Откако продажбата била комплетирана, тој презел дејствија да ја затвори компанијата“,
порача неговата адвокатка.
Груевски повторно се јави од Будимпешта
Претходно, заврши зборови даде и адвокатот на Никола Груевски, Петар Тимовски, кој му е поставен за бранител по службена должност. Тој завршницата на овој судски процес ја опиша како „крај на една политичка пресметка“ и побара ослободителна пресуда за неговиот клиент бидејќи, според него, нема доволно докази.
„Интересен факт е што во оваа постапка обвинителството упорно се трудеше, но со ништо не успеа да докаже каква било каузална врска на обвинетите освен што некои се во роднински врски“,
рече Тимовски.
На Груевски му се суди во отсуство со оглед дека тој е во бегство во Будимпешта. Наместо во судница, тој со свој коментар, како и претходно, се јави на социјалните мрежи обвинувајќи дека во предметот е направен „голем пазар“.
„Изјавите во судот на обвинетите во теоријата и праксата на правото не се сметаат за доказ, бидејќи обвинетите може и да лажат за да се спасат, но тоа е единствениот начин како обвинителството ќе се обиде да се спасува од пораз во овој конструиран предмет, како дел од политичкиот прогон кон мене. Предмет во кој обвинителството не обезбеди ниту елементарен материјален доказ, ниту вербален доказ кој директно од сведоците ме посочува мене дека навистина сум купил и криел земјишта и станови, ниту влез и излез на мои пари или на лица поврзани со мене, ниту пак можеше да обезбеди бидејќи тоа не се случило“,
вели Груевски во дел од коментарот објавен на Фејсбук.
Обвинителката во овој предмет, Лиле Стефанова, пак, прва даде завршни зборови и побара максимална казна за Груевски, повисока казна за Мијалков во рамки на тоа што е предвидено со Кривичниот закон, условна за Новачевски зошто, како што рече, од самиот почеток јасно и недвосмислено зборувал како се одбивале работите без разлика дали го товараат него или не, а минимални за Камчев и Јосифовиќ бидејќи, според обвинителка, нивните последни исказ се олеснувачки околности. Во случајот обвинета беше и мајката на бизнисменот Камчев, Ратка Куновска-Камчева, но за неа денеска Стефанова го повлече обвинението поради застарување на делото.