„Не бараме учениците Албанци да бидат прогласени за победници без да ги исполнуваат критериумите. Бараме да знаеме зошто резултатот е толку непропорционален и дали постапката била фер“, изјави денеска претседателот на Форумот на младите на ДУИ во огранокот на партијата во Сарај, Рамадан Емини, на прес-конференција
Министерката за образование и наука во одговор на новинарско прашање денеска најави дека поради поднесените приговори ќе биде направена дополнителна ревизија на постапката, а во контекст на темата кажа дека недобивањето стипендија во тековната година треба да претставува поттик за учениците и студентите да постигнат подобри резултати за следната година
Опозициската Демократска унија за интеграција и денеска побара одговори и одговорност од заменик-министерот за образование и наука Дритон Сулејмани, кој доаѓа од редовите на Влен, во врска со распределбата на стипендиите за учебната 2026/2027 година.

Претседателот на Форумот на младите на ДУИ во огранокот на партијата во Сарај, Рамадан Емини, на прес-конференција денеска повтори дека според објавените резултати од Министерството за образование и наука (МОН), од вкупно 817 стипендии, само 80 се доделени на ученици Албанци, што е помалку од 10 отсто.
Како уште позагрижувачки, Емини го оцени тоа што нема ниту Албанец меѓу добитниците на 50 стипендии за талентирани ученици, додека од 150 стипендии за талентирани ученици по ументост, само четири се доделени на ученици Албанци.
Осврнувајќи се на претходната реакција на заменик-министерот за образование, Дритон Сулејмани, кој порача дека стипендиите се делат според критериуми, а не по етнички клуч, Емини нагласи дека партијата не бара етничка распределба, туку транспарентност и одговорност. Тој оцени дека Сулејмани треба да учествува во одлуките и да понуди факти наместо само да ги објаснува одлуките на министерката Весна Јаневска.
Од ДУИ бараат Министерството, почитувајќи ја заштитата на личните податоци, јавно да го објави вкупниот број пријавени ученици по категории; резултатите од извршената евалуација; конкретните причини поради кои кандидатите биле одбиени и анализа за тоа дали критериумите и начинот на оценување обезбедиле еднакви можности за сите апликанти.
„Не бараме учениците Албанци да бидат прогласени за победници без да ги исполнуваат критериумите. Бараме да знаеме зошто резултатот е толку непропорционален и дали постапката била фер“,
рече Емини.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со обвинувањата од ДУИ, министерката за образование и наука Весна Јаневска изрази жалење што, како што рече, партијата упорно промовира вакви тези, оценувајќи дека е крајно време тие да се напуштат.
Јаневска, како и во синоќешното гостување во „360 степени“ на МРТ 1, појасни дека процесот на аплицирање е анонимизиран и дека комисиите немаат увид во етничката припадност на кандидатите.
„Учениците аплицираат со шифра во Министерството. Ние доделуваме стипендии според критериуми. За да добие еден ученик стипендија, треба да ги исполни тие критериуми. Значи, ние не доделуваме стипендии по етникум. Како што не можат камерите на ‘Сејф сити’ при препознавање на ликот да го препознаат етникумот, така ни ние по шифра не препознаваме етникум“,
изјави Јаневска.

Таа додаде дека стипендија добиле сите што ги исполниле државните критериуми, а најави и дека поради поднесените приговори ќе биде направена дополнителна ревизија на постапката. Според министерката, недобивањето стипендија во тековната година треба да претставува поттик за учениците и студентите да постигнат подобри резултати за следната година.
