Ние не доделуваме стипендии по етникум, туку доделуваме стипендии по исполнети критериуми – вели министерката за образование и наука

Министерството за образование и наука ги добива пријавите за ученички стипендии под шифра, а кој ќе добие стипендија зависи од тоа дали ги исполнува условите на конкурсот, вели министерката Весна Јаневска. Таа во синоќешното интервју за „360 степени“ на МРТ 1 беше прашана за реакцијата на ДУИ дека од 817 ученички стипендии за тековната учебна година, само 80 им припаднале на ученици Албанци.
„Бројката е можеби точна, да, таа е, но ние апликациите ги примаме под шифра и ние не доделуваме стипендии по етникум, туку доделуваме стипендии по исполнети критериуми“,
рече Јаневска.
Министерката посочи дека меѓу одбиените кандидати има припадници на повеќе етнички заедници. Таа ги повика кандидатите внимателно да ги пополнуваат пријавите, да проверат кои документи треба да ги приложат и, ако бидат одбиени, да го прочитаат образложението. Како примери за причини поради кои кандидат може да остане без стипендија ги наведе недоволниот просек и пропустот да се прикачи потребен документ.

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера побараа одговорност од Влен и од заменик-министерот за образование и наука Дритон Сулејмани. Според податоците што ги изнесе партијата, меѓу 50-те добитници на стипендии во категоријата „талентирани ученици“ нема ниту еден ученик Албанец, а во категоријата „талентирани уметници“ четири од 150 стипендии им припаднале на ученици Албанци.
ДУИ побара МОН да ги објави податоците за пријавените кандидати, освоените бодови и добитниците по категории и да ги појасни критериумите за избор. Од Сулејмани и од Министерството партијата побара и одговор како обезбедиле еднаков третман за сите ученици и дали анализирале какви резултати дава примената на критериумите кај различните етнички заедници.
