На јутјуб-каналот на Здружението за промоција на македонските ски-центри, „Ски Македонија“, каде што се емитуваат видеа во живо, може да се види дека во дел од скијачките центри вее снег

Намалена видливост поради појава на магла од 50 до 60 метри има утрово на патниот правец село Лисец – Попова Шапка, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Според утринскиот извештај на АМСМ, сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Оттаму апелираат до возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено низ котлините, речните долини и клисурите каде што постои опасност од одрони. Посебна внимателност се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На јутјуб-каналот на Здружението за промоција на македонските ски-центри, „Ски Македонија“, каде што се емитуваат видеа во живо, може да се види дека во дел од скијачките центри вее снег.
Од видеата може да се види дека слаб снег провејува на Попова Шапка и на Бистра, каде што има и магла.
Од ЈП „Македонијапат“ соопштуваат дека сите државни патни правци се проодни и дека дежурните екипи се постојано на терен за расчистување и одржување на коловозите.
Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, која ќе важи до 15 март 2027 година.
