Тој соопшти дека за утрешната надзорна расправа побарале да бидат повикани двајца сведоци – Трифун Костовски, предложен од Левица, кој треба да биде сослушан прв, и поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска, за која смета дека поседува значајни информации за расветлување на случајот

Одговорноста за организацијата и присуството на сведоците на надзорна расправа посветена на Алта банка АД Битола е кај организаторите, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Неговиот став доаѓа откако денеска пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за финансирање и буџет, во пресрет на утрешното продолжение на надзорната расправа во врска со случувањата со Алта банка АД Битола, рече дека дел од сведоците што треба да присуствуваат по вторпат се на службен пат токму во времето на одржување на седницата.
„Несериозно е вие да организирате надзорна расправа, а од денеска за утре да ги каните сведоците. Затоа неколкупати баравме, ќе ви поддржиме сè што ќе побарате. Дојде и Мицкоски, иако беше ненадлежен, и беше прв. Сите сведоци коишто тие ги побараа навремено, ние им ги обезбедивме“,
рече Стојаноски.
Тој соопшти дека за утрешната надзорна расправа побарале да бидат повикани двајца сведоци – Трифун Костовски, предложен од Левица, кој треба да биде сослушан прв, и поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска, за која смета дека поседува значајни информации за расветлување на случајот.
Стојаноски нагласи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласала расправата да се одржи што е можно побрзо, обвинувајќи го СДСМ дека со одложувањето се обидува само да одржува тема во јавноста.
Тој повика надзорната расправа утре да заврши со усвојување заклучоци, со цел, како што рече, да се стави крај на темата за која рече дека се шири врз основа на лажни претпоставки од страна на СДСМ.
