Според Клековски, новиот закон за забрана на пушењето, кој веќе е во комисиска расправа во Собранието и за кој побарал максимален приоритет, е насочен кон намалување на пристапноста до цигарите преку забрана за рекламирање и нивно тргање од видното поле на потрошувачите. Како посебен приоритет тој ја издвои заштитата на младите
Според програмската директорка на „Аналитика“, Тамара Мијевиќ-Спасова, повеќе од една четвртина од пушачите трошат над 20 цигари дневно, а месечниот трошок изнесува околу 4 800 денари. Загрижува тоа што само 10 проценти се обиделе да се откажат

Секој втор возрасен човек во земјава пуши, а кога ќе се вклучат и новите никотински и електронски производи, бројката достигнува 54 отсто. Истовремено, цигарите станале подостапни бидејќи во изминатиот период платите пораснале за речиси 36 отсто, додека цените на цигарите за само 8,8 проценти.
Ова го покажуваат резултатите од националното истражување на „Аналитика тинк-тенк“ спроведено на 1 065 испитаници, кое беше презентирано на денешната конференција во соработка со Светската здравствена организација (СЗО).
Според програмската директорка на „Аналитика“, Тамара Мијевиќ-Спасова, повеќе од една четвртина од пушачите трошат над 20 цигари дневно, а месечниот трошок изнесува околу 4 800 денари. Загрижува тоа што само 10 проценти се обиделе да се откажат.
„Како најчести мотиви за откажување испитаниците ги навеле цената на цигарите, што ја посочиле 47 проценти од нив, и советот од лекар, наведен од речиси 36 проценти“,
рече таа.
Позитивен показател, според Мијевиќ-Спасова, е високата поддршка на јавноста за законските мерки. Дури 90,3 проценти од анкетираните биле запознаени со новиот закон за забрана на пушењето, а 83,6 проценти поддржуваат забрана за пушење во возила во кои се превезуваат малолетници. Забраната за онлајн рекламирање, особено на новите никотински и тутунски производи, ја поддржуваат 60 проценти, а 40 проценти се изјасниле за забрана на пушењето во јавните простории.
Претставникот на СЗО во земјава, д-р Аким Али, предупреди дека државата годишно собира од 11 до 18 милијарди денари од даноци на тутун, но трошоците од последиците по здравјето надминуваат 38 милијарди денари.
„Тутунот треба да стане ценовно недостапен за луѓето. Младите и оние што веќе користат тутун треба да застанат и да размислат пред да посегнат по парите во џебот за да купат тутун“,
рече Али повикувајќи ги пратениците без одложување да го усвојат новиот закон за заштита од пушењето.
Тој предупреди дека без навремени мерки земјата ризикува да создаде генерација зависници од тутун, особено поради сè поголемата употреба на новите тутунски и никотински производи меѓу адолесцентите.
Професорот Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ посочи на проценките на Светската банка каде се вели дека трошоците поврзани со пушењето изнесуваат околу 600 милиони евра. Според него, доколку акцизите се зголемат и се доближат до европскиот просек, буџетот би добил дополнителни 100 до 110 милиони евра годишно, а бројот на пушачи за пет години би се намалил на 44 до 45 проценти.
Според министерот за здравство Сашо Клековски, просечниот пушач во државата годишно издвојува над 600 евра за околу 270 кутии цигари, што е повеќе од просечниот годишен износ за здравствено осигурување, кој изнесува околу 420 евра.
Клековски рече дека станува збор за неодржлива состојба во која половина од населението троши повеќе пари за да му наштети на здравјето отколку за да го заштити.
Според Клековски, новиот закон за забрана на пушењето, кој веќе е во комисиска расправа во Собранието и за кој побарал максимален приоритет, е насочен кон намалување на пристапноста до цигарите преку забрана за рекламирање и нивно тргање од видното поле на потрошувачите. Како посебен приоритет тој ја издвои заштитата на младите.
„Ако треба да направиме некаков општествен консензус во однос на пушењето, за мене две прашања се клучни. Едното е дека не може да се пуши во затворен простор, а второто е дека не може да се продаваат цигари и слични производи на деца под 18 години“,
рече Клековски.
Министерот најави засилени контроли по донесувањето на законот, посочувајќи дека според извештаите повеќе од две третини од малолетниците не биле одбиени при обид да купат цигари.
Во однос на цената на цигарите, тој нагласи дека утврдувањето на акцизите не е во негова надлежност, но смета оти штетните производи не смеат да бидат евтини и лесно достапни. Тој ја отвори и можноста дел од приходите од акцизите и повисоките цени на тутунските производи да се пренасочат во здравствениот фонд за лекување на последиците од нивната употреба.
