Првичните информации на белградските медиуми велат дека Вучиќевиќ бил приведен од полицајци во цивил во непосредна близина на зградата каде што е сместен „Информер“. Порталот „Нова.рс“ јавува дека се очекува во текот на денот тој да биде изведен пред надлежен обвинител на сослушување во врска со две кривични дела
Пратениците на Студентската листа аплаудираа кога Вучиќ објави дека сопственикот на „Информер“ е уапсен
Приведувањето доаѓа по период во кој Вучиќевиќ и „Информер“ се во фокусот на јавноста поради регулаторни постапки и кривични пријави што се водат, односно се поднесени против него или медиумот чиј сопственик е тој
Драган Ј. Вучиќевиќ, сопственикот и главен и одговорен уредник на српскиот таблоид „Информер“, кој има телевизија и печатено издание, денеска наутро е приведен по налог на Второто основно јавно обвинителство во Белград. Според информациите на српските медиуми, тој е лишен од слобода под сомнение за две кривични дела – предизвикување паника и нереди во продолжено траење и попречување на правдата.

Првичните информации на белградските медиуми велат дека Вучиќевиќ бил приведен од полицајци во цивил во непосредна близина на зградата каде што е сместен „Информер“. Порталот „Нова.рс“ јавува дека се очекува во текот на денот тој да биде изведен пред надлежен обвинител на сослушување.
Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи на Србија за приведувањето на Вучиќевиќ.
Веста за апсењето ја соопшти и самиот „Информер“, а на темата се огласи и шефот на пратеничката група „Србија победува“ и поранешен претседател на Србија, Александар Вучиќ, за време на собраниска седница.
„Уапсен е само поради својата новинарска работа“,
изјави Вучиќ во парламентот.
Пратениците на Студентската листа аплаудираа кога Вучиќ објави дека сопственикот на „Информер“ е уапсен.
Ваквиот гест на владејачкото мнозинство, доскорешниот претседател на Србија, а сега лидер на опозицијата, го оцени како показател за тоа со кого, како што кажа, се соочуваат, нарекувајќи ги тие што, според него, навиваат – кретени. Вучиќ кажа дека пратениците од неговата пратеничка група ја напуштаат седницата за да одат пред полициската станица на Вождовац и да му дадат поддршка на Вучиќевиќ.
Подоцна и самиот Вучиќ ја напушти собраниската сала.

Приведувањето доаѓа по период во кој Вучиќевиќ и „Информер“ се во фокусот на јавноста поради регулаторни постапки и кривични пријави што се водат, односно се поднесени против него или медиумот чиј сопственик е тој.
Имено, по парламентарните избори на 25 октомври, на кои Српската напредна странка (СНС) ја загуби власта по 14 години, Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) отвори повеќе постапки за кршење на медиумските закони за време на изборната кампања, при што најголем број пријави се однесуваа на програмата на „Информер“, потсетува регионалниот сервис на „Радио Слободна Европа“.
На почетокот на ноември, а потоа и на 16 ноември, РЕМ му изрече на „Информер“ мерки за забрана на емитување, на 15 дена и на 10 дена, вклучително и за емисијата „Колегиум“, како и забрана за огласување во терминот од 18 до 21 часот во траење од пет, односно седум дена. Од „Информер“ најавија жалба по отворените постапки од страна на РЕМ.
Пред две недели, адвокатот Иван С. Петровиќ од Краљево соопшти дека во име на 97 оштетени граѓани поднел колективна кривична пријава до Вишото јавно обвинителство во Белград – Посебно одделение за високотехнолошки криминал, против Вучиќевиќ и правното лице „Инсајдер тим д.о.о. Белград“. Во пријавата, како што пишува „Нова.рс“ се наведува дека постои основано сомнение дека Вучиќевиќ од средината на 2023 година до октомври оваа година во емисии во живо извршил пет продолжени кривични дела.
Јавноста во Србија повеќепати реагираше на острите јавни и медиумски настапи на Вучиќевиќ кон студенти и граѓани кои не ја поддржуваат СНС, вклучително и објави на социјалните мрежи и изјави во живо во врска со жртвите од падот на натстрешницата. Меѓу коментарите на Вучиќевиќ што предизвикаа лавина реакции во срспката јавност беа и оние во врска со Дијана Хрка, мајка на загинато момче во падот на натстрешницата во Нови Сад, која штрајкуваше со глад пред Собранието. Сопстевеникот на „Информер“ тогаш нарекувајќи ги студентите што протестираа „гадови блокадерски“, бараше од нив да престанат д аја злоупотребуваат жената во свои цели.
Еден ден по изборите, односно на 26 октомври, демонстранти вечерва упаднаа во просториите на „Информер“ додека во живот се емитуваше емисијата „Колегиум“ и ја прекинаа програмата. Тие бараа од Вучиќевиќ да им се извини на граѓаните за содржините што ги пласирал низ годините додека на власт беше Српската напредна партија.
Студентската листа тогашс е огради од упадот во „Информер“ и ги повика своите поддржувачи да се воздржат и од било какви форми на насилство, додека поранешниот спрски претседател Александар Вучиќ го осуди инцидентот, кој потоа го користеше како аргумент во полемиките со новото владејачко мнозинство во Србија.
Инаку, телевизијата „Информер“ почна со емитување програма во мај 2023 година, а зад неа стои компанијата „Инсајдер тим“, чиј основач и мнозински сопственик е Драган Ј. Вучиќевиќ. Фирмата во 2025 година оствари 12,6 милиони евра приходи, што е за една четвртина повеќе во однос на претходната година, пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
