Од централната банка потсетуваат дека ваквата можност веќе важи и за физичките лица, кои можат во целост да ги користат новите приливи што доаѓаат од сметки во други банки. Ова ги опфаќа приливите врз сите основи, вклучувајќи ги и новите исплати на плати, пензии и социјални трансфери од институции или компании чии сметки се во други банки и платежни институции
Фирмите кои имаат сметки во Алта банка АД Битола од денеска (25 ноември) можат во целост и без ограничување на износот да располагаат со новите приливи на своите сметки, под услов средствата да се пренесени од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги, информираат од Народната банка. (НБРСМ).

Како што посочуваат од централната банка, ова значи дека правните лица ќе можат без ограничување на износот да ги користат дополнително примените средства врз оваа основа.
„Во насока на натамошно проширување на достапноста на банкарските услуги за клиентите на Алта банка АД Битола, Народната банка информира дека од денес, 25 ноември, правните лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во Банката, доколку средствата се пренесени од платежни сметки на клиенти отворени кај други банки и даватели на платежни услуги“,
се наведува во соопштението од Народната банка.
Од централната банка потсетуваат дека ваквата можност веќе важи и за физичките лица, кои можат во целост да ги користат новите приливи што доаѓаат од сметки во други банки. Ова ги опфаќа приливите врз сите основи, вклучувајќи ги и новите исплати на плати, пензии и социјални трансфери од институции или компании чии сметки се во други банки и платежни институции.
„Во таа смисла, клиентите на банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење електронско или мобилно банкарство, користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката“,
наведуваат од НБРСМ.
За клиентите што користат електронско или мобилно банкарство остануваат да важат претходно воведените ограничувања, односно лимитите до 15 000 денари неделно за клиентите со платежни картички и до 20 000 денари во период од две недели за клиентите без платежни картички.
Како што појаснуваат од Народната банка, овие лимити се однесуваат збирно на сите сметки на клиентот и на сите канали за плаќање и повлекување средства.
Од централната банка додаваат дека со работа продолжуваат филијалите на Алта банка АД Битола во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Трговскиот центар „Бисер“ во Скопје. На овие шалтери граѓаните можат да подигнуваат готовина во рамки на дозволените лимити, да плаќаат комунални услуги, да отплаќаат кредити и да извршуваат други трансакции.

Од НБРСМ порачуваат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во битолската банка и да преземаат чекори за олеснување на пристапот на клиентите до сопствените пари и непречено одвивање на платниот промет.
За потсетување, Народната банка воведе привремена администрација и го презеде управувањето со Алта банка АД Битола на 2 ноември, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа и отвори стечајна постапка за нејзиниот доминантен сопственик – Алта банка АД Белград.
На 16 ноември, централната банка соопшти дека е почната постапка за продажба на доминатниот пакет акции на Алта банка АД Битола. Пакетот опфаќа 372 742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот капитал што ѝ припаѓа на матичната Алта банка АД Белград, која е во стечај. Продажбата преку Македонската берза ќе се реализира по принципот „сè или ништо“, што значи дека новиот сопственик ќе мора да го откупи целиот понуден пакет. Аукцијата е закажана за 30 ноември, а учество веќе најави Комерцијална банка.
