Надзорната расправа за Алта банка се одвиваше во напната атмосфера, со чести дофрлувања од собраниските клупи и критики од пратениците кон претседателката за изборот на Трајко Славески за гувернер на Народната банка. Сиљановска-Давкова возврати дека постапила во рамките на законските овластувања
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешното продолжение на надзорната расправа за Алта банка АД Битола во собраниската Комисија за финансирање и буџет рече дека шефот на државата нема законски надлежности во постапките за издавање или одземање банкарски дозволи, давање согласности, спроведување супервизија или воведување администрација во банка, нагласувајќи дека сите тие одлуки се во надлежност на Народната банка.
Посочи дека не присуствувала на првата надзорна расправа за Алта банка одржана на 11 ноември бидејќи била на 31. Конференција на страните на ОН за климатските промени (КОП 31) што се одржа во Анталија.

„Тоа е настан закажан уште минатата година, што значи не ја избегнав расправата. Сакам да посочам дека дојдов најмногу заради граѓаните и заради почитта кон оваа институција. Зошто го кажувам ова? Затоа што конвенциите или обичаите се важни работи во парламентот. Се сетив дека во оваа просторија присуствував на една друга надзорна расправа, во врска со Еуростандард банка. Тогаш не беше поканет ниту претседателот, ниту премиерот, иако во случајот имаше вклучена министерка. Во поканата што ја добив пишува и ‘во прилог ви се доставува листата на претставници сведоци од Владата и другите државни органи. Претседател е ‘под другите државни органи‘ е моето прашање. Чудна формулација“,
рече претседателката.
Посочи дека во членот 85 од Уставот има одредба дека Собранието може да побара од претседателот мислење за прашање од неговата надлежност, додавајќи дека не е сигурна дека е надлежна за ова прашање од оваа фаза.
„Би била овде со сигурност доколку се работи за избор на гувернер врз основа на мој предлог или доколку има постапка за разрешување. Народната банка е една од најважните инстуции, не случајно е уставна материја. Финансиската сигурност е многу важна и моите мисли во овој период се најмногу со засегнатите граѓани.Се сетив на приказната со Еуростандард. И велам, сигурно има некоја научена лекција“,
кажа таа.
Според неа, невообичаено е во текот на надзорна расправа да се покрене интерпелација.
„Немам никакви надлежности во постапките за дозволи, супервизија или воведување администрација во банка“
Одговарајќи на прашањата на пратениците Соња Мираковска и Никола Мицески, Сиљановска-Давкова посочи дека независноста на Народната банка е уставна и законска категорија и дека ниту таа, ниту нејзиниот кабинет учествувале во процедурите поврзани со Алта банка.
„Која е мојата законска надлежност во банкарскиот систем? Немам надлежност ниту за издавање, ниту за одземање дозволи, ниту за давање и повлекување согласности, ниту за банкарски супервизии, ниту за супервизорски мерки, ниту за воведување администрација во банка. Сите овие прашања се во надлежност на органите на Народната банка“,
рече таа.
Посочи дека нејзината надлежност не е дел на никакви постапки врзани за банкарскиот систем, бидејќи таквото овластување не произлегува ниту од Уставот, ниту од Законот за Народната банка.
Во однос на нејзиниот предлог Трајко Славески да биде избран за гувернер, Сиљановска Давкова рече дека одлуката ја донела самостојно, врз основа на неговите професионални и академски квалификации.
Посочи дека пред да го достави предлогот разговарала со повеќе експерти од областа на економијата и банкарството, поранешни гувернери, професори и претставници од академската јавност.
„Не само што кандидатот Трајко Славески ги исполнува законските услови, туку е професор со четириесетгодишно искуство, со значајна академска и меѓународна кариера. Тој е еден од ретките со Фулбрајт-стипендијата во Харвард, со постдипломски на Калифорнискиот државен Универзитет во Чикаго. Основната причина за мојот избор беа неговата стручност, компетентност и професионален интегритет“,
кажа таа.
Ги отфрли тврдењата за каква било поврзаност меѓу нејзиниот предлог за гувернер и влезот на Алта банка во земјава, оценувајќи ги таквите наводи како „бизарни“ и „бесмислени“.
Одлуката да го предложи Славески за гувернер ја донела самостојно
Во одговорот до пратеничката Мираковска, претседателката потенцираше дека предлагачката улога на шефот на државата при избор на гувернер не создава хиерархиски однос меѓу претседателот и гувернерот.
„Претседателот предлага, Собранието именува. Гувернерот не одговара пред претседателот што го предложил, туку постапува во рамките на своите уставни и законски овластувања и е одговорен пред Собранието“,
додаде таа.
Сиљановска-Давкова откри дека се залагала и за уште еден мандат на поранешната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска.
„Точно е дека преферирам жени во политика и сметам дека таму каде што има општествена моќ, треба да има жени“,
кажа таа.
Нејзиното образложување дека одлуката да го предложи Славески за гувернер на Народната банка ја донела самостојно, беше проследено со довикувања од собраниските клупи, на што таа рече:
„Ве молам, мене легитимитетот не ми извира од парламентот, туку од граѓаните. Сум добила 560 илјади. Ова е навреда граѓаните. Јас дојдов бона фиде, со почит, а не морав да дојдам. Се консултирав претходно. Но, имам респект. Се уште мислам дека има шанса институцијата во која сум седела, да биде школа за демократијата. Најмногу дојдов заради граѓаниоте. Ваквиот начин на комуникација, воопшто не е во ред. А вие сте за тоа одговорни“,
Потоа, обраќајќи им се на оние што и дофрлаа од собраниските клупи, Давкова додаде:
„Јас сега не сум професорка и не водам дијалог со вас. Ве молам, воспоставете ред“.
Посочи дека правото да предложи гувернер, не подразбира право да го контролира неговото работење.
„По именувањето гувернерот си ја врши функцијата самостојно. Можам одговорно да тврдам дека ниту сум се обидела, ниту ќе се обидам да вршам политичко влијание“,
кажа таа.
Повтори дека можноста претседателот да се појави во постапка поврзана со Народната банка би постоела единствено во евентуална постапка за разрешување на гувернерот, а не во процесите на одлучување и работење на централната банка.
Мираковска: Требаше да изберете некој што ќе го чува јавното добро, а не докажан партиски човек
Пратеничката Мираковска, критикувајќи ја одлуката на претседателката, оцени дека за гувернер на Народната банка требало да биде избран човек кој ќе го штити јавниот интерес, а не партиски кадар.
„Требаше да изберете човек што ќе го чува јавното добро. На чело на Народната банка стои човек кој е докажан партиски човек. Во Собранието бевте одличен пратеник, но сега со ова потфрливте. Каков е вашиот став сега за Славески, по случувањата со Алта банка“,
ѝ порача Мираковска на претседателката.
Сиљановска-Давкова рече дека е шокирана од ваквиот настап на пратеничката, нагласувајќи дека Славески го избрала во рамките на законските овластувања.
„Го избрав без притисок. Одамна сум докажала дека сум имуна на притисок. За Вас не знам“,
одговори претседателката.
Пратеникот Оливер Спасовски зема збор процедурално ѝ порача на претседателката дека не може да се поставува како тутор над Собранието, нагласувајќи дека на Надзорната расправа учествува во својство на сведок.
„Денеска овде сте во својство на сведок, а не како некој што дели лекции“,
рече Спасовски.
Претседателката на матичната собраниска комисија Сања Лукаревска од СДСМ вчера предупреди дека дел од сведоците што треба да присуствуваат на надзорната расправа за Алта банка по вторпат се на службен пат токму во времето на одржување на седницата. Рече и дека не сите лица кои како сведоци се поканети на денешното продолжение на надзорната расправа го имаат потврдено своето присуство на седницата.
На изјавата на Лукаревска реагираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој рече дека одговорноста за организацијата и присуството на сведоците на надзорна расправа посветена на Алта банка е кај организаторите, односно кај СДСМ, од чии редови доаѓа претседателката на Комисијата за финансирање и буџет.
