„Ние како опозиција до крај ќе се бориме да ја покажеме другата страна на медалјата, односно вистината дека зад ова не се крие развоен проект, дека има сериозни недостатоци и дека државата не оди во добар правец, особено во управувањето со јавните финансии“, рече пратеникот од СДСМ

Власта ги одби сите амандмани на СДСМ во досегашните три дена од амандманската расправа за буџетот, меѓу кои и предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра, и покрај тоа што тие се однесуваат на подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредување на повеќе важни области, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи оценувајќи дека предложениот буџет има сериозни недостатоци и не нуди развојна перспектива.
„Да не заборавиме, имавме предлог за зголемување на минималната плата на 600 евра. Иако имаме некакво убедување дека тие самите тоа ќе го направат некако, ќе видиме во наредниот период. Но, изгледа во оваа држава предлозите кога доаѓаат од опозицијата не чинат за граѓаните, туку парите од владејачкото мнозинство се подобри за граѓаните“,
изјави Битиќи.
Според Битиќи, опозицијата имала низа амандмани што опфаќале сериозни подрачје за кои сметаат дека предлог-буџетот не ги адресира.
Тој посочи дека власта не покажала подготвеност да прифати ниту еден од предложените амандмани, иако, како што рече, станува збор за сериозни предлози кои би го подобриле квалитетот на живот на граѓаните. Очекувањата, како што рече, се дека во наредните три дена нема да има некој амандман што ќе биде прифатен.
„Во трите дена амандманска расправа од страна на владејачкото мнозинство не е покажан слух за ниту еден амандман, иако има сериозни и добри амандмани кои би требало да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните. Ние како опозиција до крај ќе се бориме да ја покажеме другата страна на медалјата, односно вистината дека зад ова не се крие развоен проект, дека има сериозни недостатоци и дека државата не оди во добар правец, особено во управувањето со јавните финансии“,
порача Битиќи.
Инаку, пратеничката група на СДСМ поднесе 225 амандмани на предлог-буџетот за 2027 година оценувајќи дека владиниот предлог нема развојна компонента и дека со сооднос од 91 отсто тековни расходи наспроти само девет отсто капитални инвестиции, државата одново ќе се соочи со повеќекратни ребаланси и ново задолжување.
Велат дека со поднесените интервенции опозицијата бара зголемување на минималната плата на 600 евра, паралелно со обезбедување пари за раст на платите на вработените кај буџетските корисници.
