Според министерот за здравство, дополнително обезбедување е оправдано на одредени локации. Како пример ја посочи Комисијата за боледувања во Букурешт, каде, додека бил директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), го пренасочил сопственото обезбедување, бидејќи членовите на Комисијата биле изложени на постојани притисоци од незадоволни пациенти
Невозможно е да се обезбеди физичка заштита за секоја екипа на Брзата помош, вели министерот за здравство Сапо Клековски, додавајќи дека дополнително обезбедување е оправдано на одредени локации.
Ова следи откако доктор и медицинска сестра од скопската Брза помош во саботата беа нападнати од две лица пред пунктот во поликлиниката „Јане Сандански“.

Според него, постојат точки на кои е потребна поголема безбедност, но оти не може да се обезбеди постојано присуство на обезбедување со секоја екипа на Итната медицинска помош.
Како пример ја посочи Комисијата за боледувања во Букурешт, каде, додека бил директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), го пренасочил сопственото обезбедување, бидејќи членовите на Комисијата биле изложени на постојани притисоци од незадоволни пациенти.
„Сметав дека таму е потребно поголемо обезбедување отколку што ми е потребмо на мене. Значи, можеме да обезбедиме некои точки, но не можеме сите точки. Не можеме да ја претвориме државата во полициска држава“,
вели министерот.
Според информациите на полицијата, двајцата здравствени работници биле нападнати во саботата, додека се подготвувале да заминат на теренска интервенција.
Во инцидентот учествувале татко и син, а докторот и медицинската сестра се здобиле со телесни повреди.
Нападот го осуди и Лекарската комора, од каде што потсетуваат дека нападот врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност е кривично дело.
Од Министерството за здравство порачаа дека секој облик на насилство, закани или попречување на работата на здравствените работници е недозволив и мора да биде соодветно санкциониран.
Оттаму потсетуваат дека нападот врз здравствен работник или здравствен соработник е кривично дело, за кое согласно член 304-г од Законот за здравствената заштита е предвидена парична или затворска казна, зависно од околностите и последиците.
