Инцидентот се случил кога 41-годишен маж побарал помош за својот татко, кој испил хемиско средство. Откако докторот проценил дека пациентот е на нозе и не е во животно загрозувачка состојба, ги упатил на Клиниката за токсикологија. Тогаш синот и таткото физички ја нападнале медицинската екипа. Лекарот бил удиран со тупаници, а била нападната и медицинската сестра која се обидела да ги раздели
Министерството за здравство и Лекарската комора го осудија нападот и побараа санкционирање на сторителите, а Комората најави правна и психолошка поддршка за повредените колеги
Доктор и медицинска сестра од скопската Брза помош се здобиле со повреди на главата и телото откако во саботата биле нападнати од две лица пред пунктот во поликлиниката „Јане Сандански“, пренесува ТВ Сител.

Според информациите, инцидентот се случил кога 41-годишен маж побарал помош за својот татко, кој испил хемиско средство. Откако докторот проценил дека пациентот е на нозе и не е во животно загрозувачка состојба, ги упатил на Клиниката за токсикологија. Тогаш синот и таткото физички ја нападнале медицинската екипа. Лекарот бил удиран со тупаници, а била нападната и медицинската сестра која се обидела да ги раздели.
„Многу непријатно, многу неубаво за екипи кои секојдневно буквално се на терен, ги извршуваат своите задачи како стручни тимови кои спасуваат животи и навистина е апсурдно да се доведуваме во ситуација и оние екипи кои ги имаме и така малку да ги онеспособуваме за понатамошна работа“,
изјави д-р Анита Димовска, раководителка на Брзата помош во Скопје за ТВ Сител.
По нападот, со две возила на Брзата помош на скопските клиники биле транспортирани повредените лекар и медицинска сестра, но и пациентот кој физички ги нападнал.
Случајот веднаш бил пријавен во МВР, а истиот ден полицијата го привела синот осомничен за нападот.
Од службата каде што работат повредените велат дека се револтирани не само поради физичкиот напад, туку и поради стресот на кој се изложени медицинските екипи при слични ситуации.
Настанот го осудија од Здружението на лекари специјализанти, од каде што бараат безбедноста на здравствените работници да биде приоритет и повикуваат Министерството за здравство да иницира законско решение со кое физичкото обезбедување ќе стане задолжително во сите здравствени установи во државата.
Нападот го осуди и Лекарската комора, од каде што потсетуваат дека нападот врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност е кривично дело.
„Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност и нарушено достоинство“,
велат од Комората.
Од Министерството за здравство порачаа дека секој облик на насилство, закани или попречување на работата на здравствените работници е недозволив и мора да биде соодветно санкциониран.
Оттаму потсетуваат дека нападот врз здравствен работник или здравствен соработник е кривично дело, за кое согласно член 304-г од Законот за здравствената заштита е предвидена парична или затворска казна, зависно од околностите и последиците.
