Тошковски призна дека полицијата не секогаш постапува по највисоките европски стандарди и дека имало грешки во работењето, но нагласи дека за секој пропуст постапува Одделот за внатрешна контрола. Според него, проблем е што МВР со децении функционира застарено

Ако жената во својот дом не може да се чувствува најбезбедно, ако децата во својот дом не можат да се чувствуваат најбезбедно, тогаш каде би се чувствувале најбезбедно?! Треба како општество да сториме сѐ жената и децата да се чувствуваат најбезбедни во својот дом, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и посочи дека системските промени ќе дадат резултати, но не преку ноќ.
Министерот во изјава за медиумите по завршување на првиот состанок на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите рече дека кривичните настани досега се евидентирале во тефтер, но оти се работи на дигитализација.
„Кога првпат седнав на позицијата во Министерството за внатрешни работи, и во рамки на техничката влада констатирав дека, за жал, Македонија сѐ уште работи на тефтер-систем во рамки на евидентирање на кривичноправен настан. Колку и да е тоа смешно за некој, за жал, така е. На дигитализацијата работиме секојдневно и ова е многу битно да го направиме како Министерство за внатрешни работи. Тоа е наша работа. Тоа била наша работа и во последните 35 години, но не сме го направиле. Шведска, на пример, го направила тоа пред околу 30 години. Ние го правиме денес. Дали ќе беше подобро да го направиме лани? Ќе беше. Дали ќе беше подобро да го направиме пред 30 години, исто како Шведска? Претпоставувам – да. Но, сигурно е подобро да го направиме на почетокот на 2027 година наместо во 2048 година“,
рече Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
Во споредба со најразвиените европски демократски држави не реагираме максимално професионално, вели тој, но потенцира дека институциите ставаат максимален фокус на оваа тема и дека реагираат максимално посветено.
Според него, бројот на притворени лица за семејно насилство е трипати поголем во споредба со минатата година, а жртвите се поохрабрени да пријавуваат.
„Жртвите во оваа година се охрабрени, институциите се пофокусирани, а бројките и резултатите го покажуваат истото. Односно, дали имаме пораст на бројка на жртви, особено кога би говореле, еве, да речам, за семејно насилство? Да, имаме. Дали имаме трипати поголем број на притворени лица во споредба само со 2025 година? Да, имаме. За од претходните години споредбите ќе ни треба малку повеќе време“,
рече министерот.
Тошковски призна дека полицијата не секогаш постапува по највисоките европски стандарди и дека имало грешки во работењето, но нагласи дека за секој пропуст постапува Одделот за внатрешна контрола. Според него, проблем е што МВР со децении функционира застарено.
„Невозможно е МВР само да го реши проблемот. Кога е дојдено да реагира полицијата, тогаш веќе работата е отидена премногу далеку“,
рече Тошковски.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека за едно деноноќие во повеќе градови во земјава се регистрирани вкупно 11 пријави поврзани со семејно насилство. Осум лица биле лишени од слобода, со едно лице бил извршен службен разговор, а во два одделни случаи биле поднесени кривични пријави.
Меѓу пријавените случаи има напади врз малолетни деца, сопруги и поранешни партнерки, закани, агресивно однесување, како и непочитување судски мерки за заштита од семејно насилство.
