Според адвокатот на семејствата на загинатите и повредените, се проверуваат површината на коловозот, знаците, ознаките и сите други елементи што можат да дадат одговор на прашањето како точно се случила несреќата и увидот ќе покаже што недостигало на овој дел од автопатот „Струма“ и дали токму тој недостаток е главната причина за несреќата
Во декември лани „360 степени“ откри дека пропустите во работењето на станицата во која автобусот го поминал последниот технички преглед биле утврдени многу порано, уште во август годинава, односно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја потпишал забраната за работа на станицата три и пол месеци подоцна, и тоа веднаш по трагедијата на автобусот на „Беса транс“
Николај Димитров, адвокатот на дел од семејствата на загинатите и повредените патници од трагедијата на автобусот на „Беса транс“ на автопатот „Струма“ во Бугарија, за МИА во Софија изјави дека започнат е увид на теренот, чија цел е да покаже дали има причинско-последични околности кои довеле до несреќата.
Експертскиот тим го започнал увидот на три километри од местото каде што автобусот удри во банкината и се запали.

Според адвокатот, се проверуваат површината на коловозот, знаците, ознаките и сите други елементи кои можат да дадат одговор на прашањето како точно се случила несреќата и увидот ќе покаже што недостигало на овој дел од автопатот „Струма“ и дали токму тој недостаток е главната причина за несреќата.
Димитров посочува и дека семејствата на неговите клиенти бараат одговор што случило со личните работи и багажот на починатите, како и со златни вредни предмети и друго кои ги имале на себе, но не биле регистрирани од бугарските власти и никој не им ги вратил.
Семејствата на загинатите и преживеаните од автобуската несреќа во Бугарија побараа паралелна истрага за утврдување на причините за трагедијата која се случи на 23 ноември лани, кога автобусот на „Беса транс“ удри во заштитната ограда и се запали. Загинаа 45 патници, а седум беа потешко повредени.
Во декември истрагата покажа дека главна причина за настанатата катастрофа била брзината која не соодветствувала со условите на патот.
Лиценца од друго возило
Неколку дена по трагедијата, Министерството за транспорт и врски соопшти дека превозникот „Беса транс“ не го пријавил опожарениот автобус во електронскиот систем и со тоа немал извадено лиценца за него, туку користел лиценца издадена за друг автобус во сопственост на компанијата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, соопшти автобусот на „Беса транс“ само во 2021 година 113 пати возел патници во странство со извод од лиценца од друго возило, а министерот за транспорт и врски Бочварски рече дека двајцата возачи се воделе како невработени, од кои едниот имал сертификат за меѓународен сообраќај кон важел до 2023 година, додека на другиот сертификатот истекол во септември 2020.
На „Беса транс“ ѝ беше одземена лиценцата, а во нашето обвинителство е оформен предмет кој треба да ги открие сите факти и докази околу тоа дали имало незаконско работење.
Случајот „Виа Комерц“
Во декември лани „360 степени“ откри дека пропустите во работењето на станицата во која автобусот го поминал последниот технички преглед биле утврдени многу порано, уште во август годинава, односно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја потпишал забраната за работа на станицата три и пол месеци подоцна и тоа веднаш по трагедијата на автобусот на „Беса транс“.
По објавата на „360 степени“ за тајмингот и околностите во кои Спасовски ја потпишал забраната за работа на станицата за технички преглед, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) го повика јавното обвинителство да ја прошири предистрагата за случајот со „Беса транс“.
Од ОЈО Скопје тогаш, без да навлегуваат во детали, рекоа дека се испитуваат сите околности поврзани со работата на „Беса транс“.
„Во предметот поврзан со работата на правниот субјект ‘Беса транс’ и постапувањето на другите надлежни органи, се постапува во рамките на предистражна постапка, во која се испитуваат сите околности. Интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите. Но, со цел да не и се наштети на постапката, во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали“,
велат од Основното јавно обвинителство во Скопје за „360 степени“.
„360 степени“ во мај годинава објави дека обвинителството со кое раководи Вилма Русковска отворило предмет, кој засега е во фаза на предистрага. Според нашите сознанија, истражители од Обвинителството тогаш го посетиле Министерството за внатрешни работи и од два сектора ја подигнале документацијата поврзана со случајот. Се постапува по кривична пријава од анонимни поднесувачи (група граѓани), рече тогаш нашиот извор.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција на 9 мај одби да одговори зошто три и пол месеци го чувал во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, а го потпишал три дена по трагедијата на автобусот „Беса транс“ .
На новинарско прашање зошто решението го потпишал веднаш по несреќата, а не три и пол месеци претходно, кога биле констатирани неправилностите во работата на станицата, во која последен преглед поминал и автобусот на „Беса транс“, Спасовски само кусо рече дека истрагата на Обвинителството ќе ги даде одговорите.
Минатата недела суспендираната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска изјави дека е шпекулација оти се подготвувало апсење на министер. Во изјава за „А1он“ Русковска кажа дека не е точно оти поради можно влијание, повторување на делото и бегство се планирало притвор за министер поради предмет во кој се испитува зошто МВР со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“ од с. Глумово, Општина Сарај.
Изјавата на Русковска следуваше како реакција на пишувањата на некои медиуми дека било планирано апсење на министер откако се прибавени сите докази за случајот.
Пред два дена министерот Спасовски демантира дека МВР не ги доставило побараните документи до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал во врска со случајот „Виа комерц“.
„Сè што е потребно има во Обвинителството и тие материјали се доставени, така што не станува збор за никакво криење на документи или било што, туку сè што е побарано е предадено во Јавното обвинителство“,
рече Спасовски.
Се за случајот „Виа комерц“ може да прочитате и да видите на следниот линк.